Со оглед на длабоката политичка криза во која се наоѓа Македонија, освен реакции од САД и ЕУ, невообичаено, и Русија се огласи преку својата амбасада во Скопје при што повика на почитување на редот и поредокот на земјата и се заложи против надворешно мешање од ЕУ и САД за излез од ќорсокакот.
Во Македонија и натаму продолжуваат протестите со несмалено темпо и интензитет. Бараат повлекување на одлуката за аболиција од претседателот Иванов за сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство.
Изборите, првично закажани за 24-ти април, беа презакажани за 5-ти јуни. Опозицијата нема да учествува. Неизвесен е нивниот исход и легитимитет.
Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шербак во неодамнешно интервју, кое го пренесе Министерството за надворешни работи на Русија нагласи дека ЕУ и САД и се активно вклучени во внатрешниот политички процес на земјата. Според него, секој обид да се изврши внатрешен притисок, вклучувајќи и отворена манипулација со граѓанскиот сектор може да види до опасни и несогледливи последици, како што се случи во многу други држави, вклучувајќи ја и трагедијата во Украина. Според него, сите одлуки за излез од политичката криза треба да ги носат граѓаните на Македонија, согласно Уставот, законите и правниот систем, без било какво надворешно влијание, при што изрази надеж дека што е можно поскоро ќе бидат спроведени избори на кои ќе учествуваат сите граѓани и политички партии, кои имаат, како што рече, чувство за одговорност за својата земја.
Стејт департманот се огласи дека „САД се длабоко загрижени по одлуката на претседателот Иванов за аболиција на лица коишто се предмет на истрага, а во врска со скандалот за прислушување. Доколку оваа одлука биде имплементирана, тоа ќе значи заштита за корумпираните официјални претставници, како и порекнување на правдата за македонскиот народ. Тоа ќе значи натамошно подривање на владеењето на правото во Македонија, соопшти Стејт департментот во Вашингтон.
Американски експерти коментираат на неодамнешното соопштение од руската амбасада во Скопје за длабоката политичка криза во која се наоѓа Македонија веќе две години.
Aналитичарот Даниел Сервер е од Центарот за трансатлантски односи при Универзитетот Џонс Хопкинс:
„Москва манифестира зголемени напори да спречи проширување на НАТО. Тоа беше очевидно со Црна Гора. Во Македонија, пак, има изјави од други политичари кои не помагаат за смирување на кризата“, изјави Сервер.
Едвард Џозеф е од Институтот за актуелни светски прашања и добар познавач на Балканот:
„На руското влијание во Македонија, гледам само негативно, и како понатамошна индикација со што е важно граѓаните, и цивилниот сектор да извршат притисок и да продолжат со притисокот врз владата и претседателот Иванов, особено за поништување на одлуката за помилување на претседателот и продолжување на имплементацијата на договорот од Пржино. Руското влијание е само негативно, и може да донесе само негативни последици. Таков е случајот со Украина, Белорусија, Ерменија. Не постои земја којашто се граничи со Русија и има позитивен развој од руското влијание“, коментира Џозеф.
Според аналитичарот Сервер, со оглед на презафатеноста на Вашингтон со други светски кризни подрачја, како Сирија на пример, САД сакаат балканските држави сами да се справуваат со предизвиците, со како што рече, мала помош од Брисел.
На барање на Гласот на Америка да го коментира најновиот развој на настаните, американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека „Фактот дека само една голема политичка партија поднесе кандидатски листи за 5-ти јуни, ја истакнува и засилува загриженоста дека нема погодни услови за спроведување на кредибилни избори. Претстои уште работа во врска со реформите во медиумите, заплашувањето на гласачите, како и избирачкиот список. Помилувањата на претседателот од 12-ти април, само придонесоа кон зголемување на чувството на неказнивост, особено кога се однесува до можни изборни злоупотреби. Доколку на 5-ти јуни се одржат избори, тие со ништо нема да придонесат за решавање на политичката криза во Македонија или во изградбата на доверба во институциите, само ќе ја загрозат евро-атлантската интеграција на земјата“, се вели во ексклузивната изјава на американскиот амбасадор Џес Бејли за Гласот на Америка.
Амбасадорот Бејли рече дека цитираме, „Соединетите Американски Држави ги повикуваат партиите повторно да го свикаат Собранието, да ги откажат изборите, да ги поништат помилувањата, и повторно да се посветат на спроведување на агресивна агенда за реформи, втемелена во Договорот од Пржино, Итните реформски приоритети на ЕУ, Извештајот на Прибе, и препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Во соработка со ЕУ, ние сме посветени да помогнеме во решавањето на оваа состојба, меѓутоа решението ќе бара јасно покажување на политичка волја“.