Најновите настани со откривање на џихадисти го зголемува стравот во Европа за дополнителни терористички напади, со што се интензивира притисокот врз политичарите да го забранат влезот на барателите на азил. Неодамна, првите лица на полицијата од балканските држави кои се дел од маршутата на бегалците се договорија со Австрија, членка на ЕУ за јакнење на мерките за идентификација и процедура на регистирање на бегалци.
„Мора заедно да го намалиме бранот бегалци кои имаат малку или немаат никаква шанса да добијат азил“, изјави Франц Ланг, австриски заменик-шеф на пограничката полиција.
За време на посетата во Вашингтон, македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски појасни дека тоа не значи целосно враќање на сите бегалци и мигрантите од македонската граница, кои се на пат кон ЕУ.
„Важно да им овоможиме на сите кои имаат потреба од заштита да го продолжат патот, но мора да бидеме свесни дека меѓу нив има луѓе кои немаат најдобри намери“, оцени Јолевски.
Ова е проблем кој бара итно решение од ЕУ - смета аналитичарот Јануш Бугајски од Центарот за европски политики и анализи.
„Доколку Договорот за Шенген-зона продолжи да важи како слободен и безвизен режим на потписниците во ЕУ, надворешните граници од Унијата треба построго да се контролираат. Со други зборови кажано, тоа зависи од Грција со европска помош да го контролира влезот на бегалци“, коментира Бугајски.
Според овој аналитичар од Балканот, мора да се прецизираат и усогласат прописите кој се` може да остане во Европа и да добие статус на азилант. Тој потсети дека Германија го започна овој процесот, а и скандинавските земји почнаа да ги враќаат назад бегалците и мигрантите кои не ги исполнуваат условите за постојан престој.
Порака од европските лидери до Сирија, Ирак, Египет и други земји, мора да биде пренесена, како што вели, и тоа што е можно побрзо, за да се забави бранот галопирачка миграција, коментира Бугајски.
„Дека нема да им биде дозволено да влезат во ЕУ, ако не ги исполнуваат стриктните прописи на Унијата, зашто Европа не може да се справи со толкав број бегалци, секоја година“, истакна овој аналитичар од Вашингтон.