Етничките Албанци може да го одредат исходот од референдумот

Али Ахмети вели дека нема план Б.

Во својата куса историја на независна држава, Македонија како никогаш до сега се наоѓа пред голем предизвик. Земјата треба или да го смени сопственото име или да го отфрли договорот со Грција.

Македонците на 30 септември ќе гласаат на необврзувачки референдум за промена на името на земјата во Северна Македонија.

Доколку референдумот е успешен, тоа ќе ѝ даде можност на земјата за членство во НАТО и покрај силното противење од Русија.

Околу 25 отсто од македонските граѓани се етнички Албанци што му даваат целосна поддршка на македонско-грчкиот договор и чии гласови ќе бидат клучни на референдумот. Крајниот исход од гласањето би можел да зависи од нив.

Во Тетово, град претежно населен со Албанци, една жителкa за „Асошиејтед прес“ изјави дека нема дилеми во која насока треба да се движи земјата. Арбенита Мета кажа дека Македонците во градот ќе гласаат за промена на името и тоа само поради една причина.

„Тоа е начинот на кој Македонија ќе стане членка на НАТО и исто така, со таа промена земјата ќе може да почне со преговори за членство во Европската Унија“.

Лидерот на ДУИ, албанската политичка партија којашто е коалициски партнер во македонската влада, вели дека луѓето ќе гласаат „за“ мир и стабилност.

Во интервју за Асошиејтед Прес, Али Ахмети вели дека „нема план Б“.

„Не сакам да се враќам на минатото. Тоа е болно и не треба да се повтори. Ние треба да учиме од таквото минато и да донесеме одлуки за идните генерации“, вели Ахмети.

(Преземено од Асошиејтед прес)