За време на викендот, во дел од македонските медиуми повторно беа објавени снимки од разговорот меѓу премиерот Никола Груевски и водачот на опозицијата Зоран Заев, коишто, како што беше наведено при нивната презентација во медиумите, биле поставени на ЈуТјуб.
Во врска со овие снимки, за коишто се наведува дека се дел од предистражни мерки во аферата Пуч денеска се огласи и Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Министерството за внатрешни работи се придружува на апелот на Јавното обвинителство да не се објавуваат снимки на „Јутјуб“ кои можат да бидат искористени за понатамошна постапка“, изјави портпаролот на Министерството Иво Котевски.
Тој кажа и дека МВР се обратило до Јутјуб и снимките биле тргнати.
Во врска со актуелната афера за прислушувањето, пак, денес се огласи потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и вицепремиер Муса Џафери.
„Мојот одговор е дека не е важен разговорот или автентичноста на разговорите, колку што е важно од каде се тие разговори и кој ги извадил нив, ги злоупотребил, ако можам да кажам во овој случај“, рече Џафери за објавените снимки од страна на опозицијата.
За утре, водачот на опозицијата Заев најави објавување на нови аудио-снимки од телефонски разговори коишто, како што тврди, покажуваат изборна измама, исто како и претходно oбјавените.
Во врска со ваквата ситуација, Државната изборна комисија (ДИК) најави седница на којашто, како што рече нејзиниот претседател Никола Рилковски, ќе биде закажана откако ќе се обелоденат сите информации за евентуални изборни манипулации.
„Државната изборна комисија ќе почека да ги слушне сите сознанија за изборни нерегуларности што ги објавува опозицијата, па потоа ќе закаже седница за да ги разгледа информациите“, кажа првиот човек на ДИК.
Рилковски во телефонски разговор за ТВ 24 вести рече дека ДИК со внимание го следи развојот на настаните, но дека се` уште е рано да изгради став.