„Измените во Изборниот закон ги загрозуваат и долго најавуваните медиумски реформи, а ја поткопуваат и декларативната волја на Владата за креирање на амбиент каде новинарите и медиумите ќе можат да работат слободно и независно. Интересно е како тоа за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги веќе две години се дебатира и сé уште е во постапка, моментално блокиран во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ, а за Изборниот закон, преку ноќ се договорија со владеачките партии, и консензуално, со 101 пратеник беше набрзина изгласан!?“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, по повод законските измени, усвоени како резултат на политички договор меѓу власта и опозицијата.
Со измените, трошоците за платено политичко рекламирање кои досега беа лимитирани од финансиските можности на партиите, сега ќе се плаќаат од буџетот, односно, од парите на граѓаните.
Веднаш по донесувањето на законските измени, со заедничко соопштение до јавноста реагираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), според кои, со нив, ќе се наруши „севкупниот демократски амбиент во време на предизборна кампања“.
Според ЗНМ, ССНМ и СЕММ, измените и дополнувањата на Изборниот законик, донесени како резултат на политички договор меѓу власта и опозицијата, нетранспарентно и зад затворени врати, „директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања и се во спротивност со претходните укажувања и ставови на еснафските здруженија“.
Наспроти барањата на ЗНМ, ССНМ и СЕММ да се укине платеното политичко рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, измените „не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните“. За трите органиации, „уште поголем апсурд е што измените и дополнувањата во Изборниот законик ѝ даваат овластување на Државната изборна комисија... да ги регистрира онлајн медиумите коишто ќе известуваат за изборите, како и да ја мониторира и оценува нивната работа“, со што „се нарушува концептот на медиумската саморегулација“.
И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ги осуди усвоените измени во Изборниот законик донесени по скратена постапка, со кои „платеното политичко рекламирање за време на изборните процеси што досега учесниците во изборите им го плаќаа на медиумите од своите сметки, ќе се плаќа од буџетот, преку Министерството за финансии“. За Агенцијата, законското решение со кое, наместо медиумите, учесниците во изборната кампања ќе ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, е мешање во уредувачката слобода на медиумите.
„Измените на Изборниот закон кои ги донесоа минатата недела опозицијата и власта со политички договор, ќе бидат на штета на медиумите, а со тоа и на граѓаните. Со години им укажуваме на политичките партии во Македонија дека платените политички реклами во време на изборни кампањи треба да се забранат во приватните медиуми, затоа што го создаваат и го хранат медиумско–политичкиот клиентелизам и креирањето на тесни врски меѓу медиумските сопственици и политичките елити. Со последните измени во Изборниот закон, партиите најдоа ’мала врата’ да ја продолжат корупцијата во медиумите, но овој пат, наместо сами да го плаќаат тоа, товарот го ставија на граѓаните. Иако, претставниците на Владата повеќе пати изјавуваа дека јавни пари во приватни медиуми - ќе нема, спротивно на тоа што ВМРО-ДПМНЕ го правеше во минатото“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Секуловски (ЗНМ).
„Во оваа насока, нашите предлози беа политичкото рекламирање да го има само на јавниот сервис, во време на предизборни кампањи, и тоа бесплатно, на начин што ќе овозможи присутност на сите политички субјекти, но очигледно, овој принцип не им одговара на големите партии во Македонија“, беше дециден Секуловски.
„Ваквиот пристап не помага да се подобри и така лошиот имиџ што Македонија го има во Европа и светот, кога станува збор за слободата на изразување и за независноста на медиумите. И самата Влада знае дека ова се лоши решенија за медиумите и граѓаните. Ако не беше така, измените немаше бидат донесени на нетранспарентен начин, без вистински консултации со еснафските здруженија и во период кога фокусот на јавноста е отсутен од овие прашања„., ни изјави извршниот директор на ЗНМ.
Од друга страна, иако во јавноста имаше реакции дека една од целите на опозицијата при мачните преговори за деблокирање на повеќемесечната политичката криза, била договор за законски измени, со кои, пред сé, поранешните членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ би избегнале судски пресуди и издржување на затворски казни, по последната успешна соработка на власта и опозицијата, околу измените во Изборниот закон, како и новите законски одредби за финансирање на партиите, сé почести се коментарите во јавноста дека на опозицијата, всушност, од најголема важност и било понатамошното финансирање на партиските активности, со пари на граѓаните. А дека актуелната власт, го искористила моментот и широкоградо го прифатила зголемувањето на средствата на партика сметка, врз грб на граѓаните.
Навистина, по жестоките реакции во јавноста, пратениците претходно си ги намалија за една третита надоместоците за патни трошоци, кои за оддлени пратеници, само за неколку месеци - изнесуваа колку годишна плата на просечен македонски граѓанин. Но, покрај контроверзната измена со која изборните учесници, со пари од граѓаните ќе ги плаќаат и рекламите за изборните кампањи, најголемите партии (за чии советници и пратеници ќе бидат наменети 70 отсто, а за малите партии - 30 отсто), драстично си го зголемија износот кој од парите на граѓаните, ќе им биде доделуван според бројот на освоените гласови на изборите. Наместо досегашните 1,9 милиони евра, отсега ќе добиваат 4,7 милиони евра. Навистина, во пакетот измени е и намалувањето на дозволената сума на донации – од 150 просечни плати од едно правно лице, на 60 просечни плати, и од 75 просечни плати од едно физичко лице - на 30, и иако, срамежливо, на јавноста и беше најавувано процентуалното зголемување од досегашните 0,06 отсто од буџетот, на 0,15 отсто, тоа всушност, во евра, значи - речиси три милиона евра повеќе за партиите!
Паралелно, со меѓупартиски договор на лидерска средба, е договорена и задолжената минутажа на час, за политичка кампања на партиите на приватни медиуми, и цената на рекламирањето и медиа планот! А со новите законски одредби е легализирана и досега крајно контроверзната партиска сопственост над земјоделски имот и пасишта, и дозволено е и финансирање на партиите од кредити.
Власта, сепак, смета дека законските измени обезбедуваат поголема контрола врз трошењето на парите на партиите и спречување на влијанијата на бизнисот врз нив.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, според која, Изборниот законик треба да претрпи и генерална ревизија за зголемена контрола врз политичките партии, изјави во медиумите, меѓу другото, и дека една од научените лекции „и за време на политичката криза е дека финансирањето на политичките партии од невидливи извори, кои честопати се криеја, доведува до зголемување на корупцијата во државата... Партиите на власт немаат проблем со финансирањето, но не сакаме нездравите врски меѓу бизнисот и партиите да ни создаваат корупција, која со години ја гледаме на дело“.