НБА: Атланта ја совлада Индијана

Your browser doesn’t support HTML5

Атланта подобри од Индијана

Перо Антиќ во првата петорка, постигна 16 поени
Атланта хокс, во чии редови настапува македонскиот интернационалец Перо Антиќ, со резултат од 97:87 на домашен терен ја совлада Индијана пејсерс, екипата со најдобар учинок во досегашниот тек на натпреварувањата (28 победи и 7 порази).

Антиќ и овој натпревар го почна во првата петорка и имаше 16 поени и 8 скока за 26 минути, колку што беше во игра. За три поени имаше ефикасност од 50% - 3 од 6 обида. Најпрецизен кај домаќините беше Кајл Корвер со 17 поени. Кај гостите од Индијана, најдобар беше ѕвездата во подем Пол Џорџ со 28 коша и 11 скокови. Во петок, Атланта игра против Хјустон рокетс.

На официјалната страница на НБА, македонскиот интернационалец се најде меѓу 10-те играчи на кои ова им е прва сезона во лигата, а постигнале најголем напредок. НБА наведува дека во последните шест меча, по повредата на првиот центар на Атланта, Ал Хорфорд, Антиќ во просек има 7,7 поени, 5,2 скока и 22 минути на паркетот. За три поени, има шут од 44%, и, како што е цитиран во текстот, се прилагодува на центарската позиција во тимот.