Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, е во работна посета на САД, по повод учеството на 76-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Пендаровски во утрешната претпладневната сесија околу 11 часот по источно американско време, ќе се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж - опоравување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“, соопштија од неговиот Кабинет.
Во рамки на учеството на Генералното собрание, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.
Претседателот Пендаровски во Њујорк учествуваше на Виртуелниот глобален самит за борба против Ковид-19: „Крај на пандемијата и закрепнување“, како и на 20-от Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави, на тема „Што значат мирот и стабилноста во 21. век?“.
Во рамки на активностите во Њујорк, предвидено е Пендаровски да оствари средби со извршната директорка на УНФПА, Наталиа Канем, како и со претставници на дијаспората.
Ќе се сретне и со претставници на „Македонија-2025“ и со претставници на Американско-еврејскиот комитет во Њујорк.
За време на престојот во Њујорк, претседателот Пендаровски е придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која ќе се обрати на настанот на високо ниво посветен на одбележувањето на 30 години од глобалната 16-дневна кампања против родово-базираното насилство.