Предизвиците на Ненси Пелоси како спикерка на Претставничкиот дом

Континуитетот на Пелоси да биде навигатор на предизвиците e на испит со решавање на актуелната криза за ставање крај на делумното владино затворање во САД

Ненси Пелоси положи заклетва и го обезбеди статусот на најмоќна жена во американската политичка историја, со што почна новата ера на поделена влада во САД и силно политичко ривалство со претседателот Трамп.

Второто историско лидерство на Пелоси како спикерка на Преставничкиот дом е само втор пат во половина век, кога еден спикер се вратил повторно да ја извршува функцијата.

Континуитетот на Пелоси да биде навигатор на предизвиците како жена во политиката, и` се уште единствена припадничка од понежниот пол на оваа престижна функција, ќе биде ставен на испит со решавање на актуелната криза за ставање крај на делумното владино затворање.

Демократите во Претставничкиот дом усвоија шест закони за трошоците, со кои треба да биде ставен крај на владиното затворање и целосно да се финансира владата за тековната година до 30-ти септември.

Но, мали се шансите Сенатот да го усвои предлогот од Претставничкиот дом, со што Пелоси ќе биде ставена во незгодна состојба уште на почетоците од нејзиното преземање на функцијата.

Пелоси ги освои неопходните гласови да стане спикерка во Претставничкиот дом, но продолжува да се соочува со отворен предизвик од некои членови во Демократската партија, коишто бараат прогресивен пристап.

Новата спикерка на Претставничкиот дом исто така е внимателна во намалување на тонот околу дискусијата за импичмент на претседателот Трамп, додека, паралелно ја поддржува работата на комитетот за истрага при Претставничкиот дом околу бизнис – активностите и контактите со Русија за време на претседателската кампања на Трамп во 2016-та.

Но, во интервју за Ен-Би-Си, Пелоси рече – „Не треба да имаме импичмент од политички причини, но не треба да избегнуваме импичмент од политички причини“.

Пелоси има искуство и со предизвици во личниот политичкиот живот. Нејзиниот татко бил демократски конгресмен и градоначалник на Балтимор, но Пелоси не влегла во политички води, веднаш, туку откако имала деца.

Горда сум што ќе бидам спикерка на Претставничкиот дом во Конгресот, кога се одбележуваат 100 години од кога жените имаат право да гласаат“, рече Пелоси за време на преземањето на престижната функција во Вашингтон.

Таа ќе го води Конгресот со рекорден број на жени во него, додека се соочува со претседател кој беше критикуван за начинот на којшто ги третира припадничките од понежниот пол.