Секако дека знаете што е хотел, а и кондоминиум – резиденцијална зграда со станови во сопственост на различни луѓе. Она што можеби не сте го знаеле досега е дека во некои американски градови комбинацијата може да значи нешто што се вика „кондо-хотел.“
Иако неколку од нив може да се најдат на одредени летни и зимски одмаралишта, ниту еден од нив не е попопуларен од легендарниот Плаза хотел во Њујорк, стар 105 години, на раскошната Петта авенија што гледа кон Централниот парк.
Плаза беше затворена за реновирање во 2005-та година. А кога повторно беше отворена две години подоцна, беше трансформирана во еден овие хотели во тренд.
Со историскиот хотел Дел Коронадо на Тихиот Океан во близина на Сан Диего, Калифорнија, беше сторено истото. Еве како функционира: Го купувате, а не изнајмувате станот во соодветната зграда. Доколку се работи за Плаза – ќе чини меѓу еден и девет милиони долари. Но, Њујорк е скап и онака!
Значи, практично поседувате дел од земјиште, но тука е и замката. Мора да живеете таму повеќе од 120 денови во годината. Остатокот од деновите станот може да го изнајмувате на гости на хотелот на ист принцип како кога правите хотелска резервација. Пред да се вселат новите станари, се` што е вредно и ваше лично се преместува во посебни складишта.
Добрата вест е што сумата за престој во вашиот апартман, оди кај вас, со исклучок на трошоците за одржување.
Заклучок: Доколку сте среќни и богати, сега може да живеете на навистина погодни локации само една третина од годината, додека други ви го отплаќаат вашиот кредит остатокот од неа.
Сигурно се прашувате за ентериерот. Изборот на мебел не може да биде ваш. Можно е да биде ваш омилен или наследство од баба ви, дополнет со колекција на конзерви од пиво, но тоа може да ги отргне потенцијалните гости. Хотелот е тој што го одбира мебелот во апартманот, заедно со пешкрите во бањата.
Засега, според весникот Ју-Ес-Еј Тудеј, голем дел од овие апартмани не се купени од богати поединци, туку од побогати корпорации, вклучувајќи ги оние од странство.