Турција очекува Северна Македонија да преземе мерки кон ѓуленистичката организација ФЕТО

Мевлут Чавушоглу, за време на дводневниот престој во Скопје, освен што се сретна со владиниот врв, присуствуваше и на одбележување на 3-годишнината од неуспешниот пуч зад кој, според турскиот врв, стоел токму Фетула Ѓулен и неговите структури.

Турција, пак ги повтори своите очекувања за конкретни мерки против активисти и организации во земјава кои се поврзани со ѓуленистичката организација ФЕТО. Барањата на Анкара ги испорача шефот на дилпоматијата, само неколку дена откако во турскиот парламент беше ратификуван НАТО-протоколот за Северна Македонија. Мевлут Чавушоглу, за време на дводневниот престој во Скопје, освен што се сретна со владиниот врв, присуствуваше и на одбележување на 3-годишнината од неуспешниот пуч зад кој, според турскиот врв, стоел токму Фетула Ѓулен и неговите структури. Што, ако, Скопје не одговори на барањата на Анкара?

„Не сакам да давам хипотетички одговори. Македонија е пријателска земја и не сакаме да се расипат, туку напротив да се зајакнат пријателските односи. Ако можеме да помогнеме, подготвени сме. Но, нашите очекувања се јасни и сакаме да видиме конкретни чекори и важно е заеднички да продолжиме, да има резултати во борбата против тероризмот. ФЕТО не е закана само за Македонија, присутна е во 160 земји, а добива поддршка и од разузнавачки служби“, изјави шефот на дипломатијата на Турција Мевлет Чавушоглу.

Се заблагодари за, како што го нарече, искрениот пристап на надлежните и затворањето на весникот „Заман Македонија“, што според него, е еден од првите позитивни чекори. За Чавушоглу, кога се зборува за ФЕТО, треба да се има предвид и стабилноста и безбедноста на Македонија, и затоа оваа организација треба биде „искоренета“. Владата во Скопје изразува солидарност со Анкара во однос на ова прашање.

„Проблем на нашиот пријател е и наш проблем. Во смисла на политичка волја, ќе направиме се за да помогнеме. Имаме извонредна соработка во делот на разузнавачките служби. Овде немаме до крај одврзани раце зашто имаме домашен и меѓународен правен систем што треба до крај да го следиме. Процедурата за многу од овие лица е во тек и во судот и во јавните обвинителства“, оцени министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Чавушоглу денеска одговори и на прашање за набавката на руските системи С-400, чекор што го вознемири Вашингтон и НАТО. Според него, Анкара им предложиле на САД формирање заеднички тим што би ги разгледал и решил спорните прашања, понуда која како што рече Чавушоглу, Америка ја одбила.