Кој и како ќе обезбеди поддршка од минимум 61 пратеник?

Your browser doesn’t support HTML5

Комбинаторики за формирање Влада

Иако освои два пратеника помалку од СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата да формира влада

Додека Собранието се подготвува за конститутивната седница на новиот парламентарен состав закажана за во вторник напладне, партиите ги продолжуваат политичките калкулации за изгледот на идната влада.

Кој и како ќе обезеди поддршка од минимум 61 пратеник, што со барањето за Албанец-премиер и како тоа ќе влијае врз преговорите, можна ли е коалиција во која би учествувале и ДУИ и Алијанса за Албанците.... Ова се само дел од прашањата на кои се очекува одговор во наредниот период.

Веруваме во демократија. ДУИ е легален субјект по овие избори но не и легитимен.
Зијадин Села, Алијанса на Албанците


„Единствен контакт кој го имам деновиве е оној со Собранието околу конситутивната седница на Парламентот. Веруваме во демократија. ДУИ е легален субјект по овие избори но не и легитимен. Врз основа на тоа тие имаат право да преговараат за влез во Влада. На изборите тие имаа само едно ветување – премиер Албанец и нека преговараат за тоа, ние нема да се буниме. Но, ако не успеат во тоа тогаш треба самите да знаат дека им е време да бидат опозиција, вели Зијадин Села, претседател на Алијансата на Албанците.

И од СДСМ повторуваат дека се уште не преговараат и дека процесот ќе почне по конститутивната седница на собранието. Социјалдемократите, како што порачуваат, се против концептот на ДУИ за „ротирачки премиер“ – што би значело еден период владата да ја води човек од СДСМ, друг период партијата на Ахмети.

Вицепремиерот за евроинтеграции, кој е од редовите на ДУИ, по денешната средба со холандскиот амбасадор на која се зборувало за изборите, прати порака која, според содржината, се однесува на актуелниот коалициски партнер - СДСМ

Констатирав дека со својот глас граѓаните ни дадоа јасна порака за тоа што очекуваат, каква сакаат да биде, како и тоа кој тие сметаат дека треба да ја предводи идната Влада
Бујар Османи, ДУИ


„Констатирав дека со својот глас граѓаните ни дадоа јасна порака за тоа што очекуваат, каква сакаат да биде, како и тоа кој тие сметаат дека треба да ја предводи идната Влада. Останува на водечките политички претставници да обезбедат стабилно политичко мнозинство преку кое ќе ја оправдаат оваа доверба и ќе ги реализираат легитимните барања на граѓаните“, рекол Бујар Османи на средбата со холандскиот амбасадор.

Иако освои два пратеника помалку од СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата да формира влада. „Правиме напори за формирање ново парламентарно мнозинство“, и пренел лидерот на опозицијата Мицкоски на германската амбасадорка Енке Холштајн, без да прецизира дали и со когo преговара.

Според најавите, ситуацијата околу составувањето влада ќе почне да се расчистува или дополнително замрсува по конститутивната седница на Собранието.