Експерти: Меѓународна експертската комисија да го истражи случајот со фалсификуваните пасоши

Your browser doesn’t support HTML5

Единаесет лица досега се обвинети за аферата со издавањето на фалсификувани македонски пасоши на граѓани од други држави, со сомнителна криминална биографија.

Да се формира меѓународна експертската комисија, од типот на онаа која ја предводеше Прибе, за да се испита целиот случај, со фалсификуваните пасоши, предлага експертската јавност.

Единаесет лица досега се обвинети за аферата со издавањето на фалсификувани македонски пасоши на граѓани од други држави, со сомнителна криминална биографија. Десет лица се обвинети за Злоупотреба на службена положба и овластување, а едно за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

Од Основното Јавно обвинителство велат дека продолжуваат да истражуваат вмешаност и на други лица во овој случај. До МВР издале наредба, за да се утврди кои лица во организационите единици на министерството, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период.

Основно Јавно обвинителство, се огласи:

Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци, на државјани на Република Северна Македонија, а кои немаат извадено патни исправи.
Основно Јавно Обвинителство


„Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци, на државјани на Република Северна Македонија, а кои немаат извадено патни исправи. МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки“.

Од обвинителството додаваат дека работат на обезбедување докази со испитување лица кои имаат податоци околу издавањето спорни пасоши.

Љубомир Ѓурчески, поранешен висок полициски функционер, вели дека не станува збор за афера туку за скандал, кој на земјава ќе ѝ наштети како на внатрешен така и на меѓународен план. Додава декa на македонската патна исправа сега ќе се гледа инкриминирано, односно на поинаков начин, а полициите од регионот и светот би биле многу повнимателни.

214 лица од тие 219 инкриминирани пасоши се на лица од подземјето.
Љубомир Ѓурчески, поранешен висок полициски функционер


„Спорното е што се користат лажни идентитети за лица кои што се на потраги на интепрол, меѓународни криминалци, лица кои учествуваат во меѓународни терористички организации. 214 лица од тие 219 инкриминирани пасоши се на лица од подземјето“, вели Љубомир Ѓурчески, поранешен висок полициски функционер.

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешенал, предлага формирање на независна меѓународна комисија која ќе го истражи целиот случај, но и ќе даде препораки, што треба да се направи, за тоа да не се повтори.

„Од типот на експертската комисија, која ја предводеше Прибе, кои се добри познавачи на материјата околу регулирањето на издавањето на патни исправи. И исто така кои се добри познавачи на состојбите во безбедносниот сектор, кои треба да проценат и ризик и начин на добивање на информации , постапката за издавање на патни исправи, па се до начинот на кои тие патни исправи се изготвувани, како течела комуникацијата и дали тоа може да се повтори“, истакна Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешанал.

И Тасева и Ѓурчески, сметаат дека истрагата не смее да заврши само со овие 11 лица.

Многи прашања се отвараат тука, а кои што на крајот ќе доведат и до прашањата за внатрешното уредување, а можеби и повисоко за злоупотреба на функциите
Слаѓана Тасева, Транспаренси


„Мислам дека тогаш случајот не би бил целосно истражен, дури и би се сомневала за прикривање на многу работи. Многи прашања се отвараат тука, а кои што на крајот ќе доведат и до прашањата за внатрешното уредување, а можеби и повисоко за злоупотреба на функциите“, коментира Слаѓана Тасева претседателка на Транспаренси интернешенал.

„Истрагата треба да се насочи внатре во МВР, во оделот за управни работи и се до врвот и министерот за внатрешни работи. Да се утврди одговорност на сите нивоа во МВР, по однос на докажување на кривично дело, злоупотреба на службена положба, затоа што затаија контролните механизми во МВР. И, се случи ова што се случи, односно се случи тектонско поместување во овој дел, каде професионалните служби во МВР, не смееше да потфрлат“, вели Љубомир Ѓурчески, поранешен висок полициски функционер.

Ѓурчески се сомнева дека можеби станува збор за поголем број на вакви пасоши: „Со оглед на сите оние афери кои излегуваа, со злоупотреба на матични броеви, па и години пред тоа кога се прочистуваше избирачкиот список, кога се зборуваше за фантоми.Од тука постои основано сомнение дека може да има многу поголем број на патни исправи“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостување во ТВ 21, рече дека истрагата ќе се прошири.

На средбата на Спасовски со амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс, таа ја истакнала потребата од темелна истрага на случајот, како и важноста за заштита на интегритетот на системот за издавање на пасоши.