Самитот на НАТО почна со провокативен изблик од претседателот Трамп, кој ја издвои Германија во критицизмот, обвинувајќи ја најголемата и најбогата членка во одбранбената Алијанса дека е „заложник“ на Русија.
За време на утринскиот појадок со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтемберг, Трамп ја критикуваше Германија дека и` дозволила на руската енергетска компанија Газпром да го изгради нафтоводот Северен поток 2 преку нејзините води.
„Германија годишно и плаќа на Русија милијарди долари“, рече претседателот.
„Како да сте заедно - кога една држава, добива енергетски ресурси од друга држава, од која сакате да се заштитите? – рече претседателот доведувајќи го во прашање – заедничкиот одбранбен принцип на НАТО.
Германија, според американскиот лидер, „го замени јагленот, ги затвори нуклеарните постројки, а сега добива нафта и гас од Русија. Мислам дека НАТО треба ја анализира состојбата“, потенцираше Трамп.
Германската канцеларка Ангела Меркел на пристигнување во Брисел, рече дека е свесна како е да се живее под Советска контрола за време на нејзиното детство во источниот дел на Германија, но како што објасни, енергетските договори со Русија не го прават Берлин во 21-от век зависен од Москва.
Претседателот Трамп го покрена барањето сите членки на НАТО да учествуваат со најмалку 2% од домашните ГДП во заедничкиот безбедносен буџет на Алијансата. Генералниот секретар на НАТО Столтемберг, се најде во непријатна позиција да го објаснува јазот меѓу САД и другите 28-членки во финансирањето на операциите на НАТО.
НАТО објави дека САД финансирале околу 70 отсто од трошоците во 2017-ма.
Членките се обврзаа во 2006-та, да трошат 2 проценти од бруто-домашниот производ (ГДП) на одбраната до 2024-та, но НАТО проценува дека сите нема да ја исполнат зацртаната цел.