Медијаторот Метју Нимиц, по подолг период патува за Скопје, и подоцна за Атина, да ги заживее преговорите за името, кое и натаму е пречка за Македонија за влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
„На покана на новата Влада во Скопје, специјалниот претставник на ОН, од 1-ви до 4-ти јули ќе престојува во Скопје, каде ќе дискутира на остварување напредок во наоѓање заедничко прифатливо решение за спорот со името“, беше наведено од Канцеларијата на портпаролот на Генералниот секретар на ОН во Њујорк.
Во соопштението, се додава дека на покана на Грција, Нимиц се очекува да замине за Атина, што би се случило што поскоро, по средбите во Скопје.
Извршниот директор на Институтот Мекејн и поранешен амбасадор на САД во НАТО Курт Вокер, за Гласот на Америка потсети дека владата на грчкиот премиер Ципрас не покажала знаци за компромис и оти во Грција следната година ќе има избори, што според него, дополнително го отежнува процесот.
„Ако Грција и Македонија се согласат на нешто трето, не верувам дека другите би имале проблем со тоа“, коментира Вокер.
Според него, прашањето за името треба да се реши со што ќе значи дополнително одвраќање од влијанието од Москва.
„За руското влијание, мислам дека САД и ЕУ треба да сторат повеќе. Треба да бидеме погласни и визионерски кон идејата за обединета и слободна Европа. Ако недостига таква визија, Русија ја користи шансата да игра на картата на страв и одвлекување од евроатлански интеграции. Потребно е поголемо лидерство на САД во регионот“, порача поранешниот амбасадор на САД во НАТО.
Џон Хербст, директор во Евроазискиот центар во Атлантскиот совет коментира дека Македонија треба да бара решение за името со Грција, зашто нема скусен пат до НАТО.
“Мислам дека би било тешко да се убеди Грција да се убеди Македонија да влезе во НАТО, се` додека нема решение за името. Не верувам дека влезот во НАТО е решение за проблемот со името“, изјави Хербст.
Евроатланската интеграција нема алтернатива, но тоа е одлука на Македонија, коментира Хербст.
„Не е прашање дали САД треба да се заложат Македонија да влезе во НАТО, за да се намали руското влијание. Македонија треба да направи определба за својата иднината. Ако одлучи иднина во НАТО, треба да спроведе одредени критериуми, веројатно, вклучувајќи и решение за името“, изјави овој поранешен американски амбасадор.