Конгресмени бараат од Обама да осигура прием на Македонија во НАТО

Велат дека земјата заслужува прием, а членството ќе биде од корист и за американските безбедносни интереси и глобалната мисија на Алијансата.

54-ца конгресмени од обете главни партии во писмо до американскиот претседател Барак Обама бараат неговата влада, во соработка со другите НАТО-сојузници, да го заокружи процесот на интегрирање на Македонија во Алијансата уште на претстојниот Самит во мај годинава.

„Цврсто бараме од Вашата Влада да обезбеди дека НАТО конечно ќе и` ја врачи на Македонија посекако заслужената покана за членство во Алијансата на Самитот во Чикаго“, стои во писмото потпишано од 22-ца демократи и 32-ца републиканци.

Писмото потсетува и на силниот консензус од самитот на НАТО во Букурешт 2008-ма година, дека Македонија ги постигнала сите критериуми за членство, и оти таквиот заклучок бил повторен и на оној во Стразбур во 2009-та.

На самитот на 4-ти април 2009-та, како што стои во документот, претседателот Обама изјавил дека со нетрпение го очекува денот „кога ќе можеме да и` посакаме добредојде на Македонија во Алијансата. Вратата за членство ќе остане отворена и за сите други земји што ги исполнуваат стандардите на НАТО и можат да дадат значаен придонес за безбедноста на сојузниците“. Наведувајќи дека апсолутно се согласуваат со ваквата изјава, конгресмените велат дека Македонија придонела за мирот, стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа, и покрај тоа што не е членка на НАТО.

„Цврсто веруваме дека поканата за Македонија, ќе биде од корист, не само за американските безбедносни интереси, туку и за глобалната мисија на Алијансата“, порачуваат конгресмените.

Во документот се истакнува и демонстрираната македонска посветеност кон НАТО, од интервенцијата на Алијансата на Косово, па се` до учеството во мисиите во Босна, Либија, Ирак и Авганистан.

„Македонија е четврт придонесувач по бројот на население во нашата мисија во Авганистан. Македонските војници патролираат пред штабот на ИСАФ во Кабул и работат заедно со американските офицери и војници. Кога Македонија може да го чува шаторот на НАТО, тогаш би требало и да и` се дозволи да спие во него“, заклучуваат членовите на Претставничкиот дом во писмото.

Копии од него се испратени и до потпретседателот Џо Бајден, државната секретарка Хилари Клинтон, секретарот за одбрана Леон Панета и шефот на НАТО Андерс Фог Расмусен.