Минатата недела НАТО прослави 70 години од формирањето во Вашингтон. Една од темите која се издвои на Самитот на министри за надворешни работи беше како да се стаса до прагот од 2% од буџетите за одбраната, за што се заложија членките од Алијансата до 2024-та.
Претседателот Трамп ги поздрави членките на НАТО за зголемување на придонесот во заедничката одбрана, но по средбата со генералниот секретар Јенс Столтемберг во Белата куќа, рече дека тоа не е доволно.
„Очекуваме да стасаме до нивото од 2 проценти од бруто-домашниот производ, и можеби повеќе. Можеме подобро, но засега, само седум членки ја остваруваат заложбата“, изјави претседателот Трамп.
Сите членки се обврзаа дека до 2024-та да издвојуваат по најмалку 2 проценти за одбраната. Гласот на Америка на маргините на Самитот го праша министерот Димитров, колку Северна Македонија е подготвена да го постигне прагот, со оглед дека наскоро станува 30-та членка.
„Многу реално е да го достигнеме тој праг со сите сојузниците до 2024-та“, потврди шефот на дипломатијата на Северна Македонија.
Зошто е важно секоја членка да се придржува до преземените обврски за подеднакво учество во заедничката одбрана на НАТО? Курт Волкер, поранешен американски амбасадор на САД во НАТО за Гласот на Америка, објаснува.
„Секоја земја се очекува да одвојува 2 % од ГДП за одбраната. Не давате пари некому или, пак издвојувате за некој буџет на НАТО. Ги трошите на себе. Тоа е демонстрација на заложбата кон сопствената безбедност, што му дава доверба на НАТО дека се работи за држава на која може да и` се помогне да се одбрани, зашто е посветена на одбраната на својата територија“, коментира извршниот директор на Институтот Мекејн.
Дали истите критериуми за партиципација во заедничката одбрана ќе важат и за другите аспиранти, како Украина и Грузија, на пример, кои, отворено лобираат за членство во НАТО? Да – категоричен е Јануш Бугајски од Центарот за анализи на европската политика во Вашингтон:
„Не е само прашањето за 2%, туку и како ќе ги трошите. Некои држави трошат поефикасно на опрема која им е потребна, согласно капацитетите на НАТО. Некои држави, пак, имаат гломазни буџети за одбрана, но ги трошат за социјални програми, за пензии. Потребно е да се инвестира во армиска опрема, инфраструктура“, истакна Бугајски, добар познавач на Балканот.
Откако Русија го присвои Крим во 2014-та, членките на НАТО се согласија да ги зајакнат буџетите за одбрана и да одвојуваат по 2% до 2024-та. САД, во моментов, издвојуваат, околу 3,4% од брутодомашниот производ за одбрана.
Само седум од 29 членки на НАТО го стасале или надминале прагот од 2% за одбраната. Германија, еден од најсилните трансатлантски партнери, не е една од нив.