Последниот филм на Милчо Манчевски, „Врба“, е македонскиот кандидат за Оскар за 2021-ва. За 15 месеци од светската премиера на Римскиот филмски фестивал освои пет награди, постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома во Македонија, но доби и одлични критики во светските медиуми и настапи на над 20 фестивали на четири континенти.
Глас на Америка: Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 „Врба” ќе игра во кината, на ТВ, и на стриминг платформите низ САД? – Што е следно?
Милчо Манчевски: Тоа ќе зависи од дистрибутерот, Кино Лорбер. Тие се дистрибутер на арт-хаус филмови, на уметнички филмови, постојат веќе 30-40 години. Скоро го потпишавме договорот со нив и допрва треба да видиме која ќе биде нивната стратегија.
Глас на Америка: Во престојниот период пред номинациите за Оскар, „Врба” го продолжува фестивалскиот поход, а ќе има и специјални проекции во угледни пред-оскаровски настани, зарем не?
Киното живее од непосредниот контакт, како кога си на концерт, како кога си во театар. Киното е како одење во еден насмеан Храм.Манчевски, режисер
Милчо Манчевски: Да, има. Веќе се одвиваат. Веќе се прикажува или на фестивали или на проекции со покани, кои се поврзани со Оскарите, кои веќе се одвиваат и ќе се претопат во дистрибуцијата којашто ја организира Кино Лорбер. Малку е чудно времето во кое живееме. Киното живее од непосредниот контакт, како кога си на концерт, како кога си во театар. Киното е како одење во еден насмеан Храм. Сега, тоа ни е одземено поради пандемијата.
Глас на Америка: Еден поглед наназад, за досегашниот живот на Врба, по 15 месеци, од светската премиера на Римскиот филмски фестивал. Колку сте задоволен, со оглед на изменетиот, претежно, виртуелен, глобален начин на живеење?
Можеби го правите филмот за гледачите, но вистинскиот дијалог е со самото дело. Јас сум многу задоволен како излезе филмот, а сето друго му дојде како дополнителен бонус, како еден мерак плус.Манчевски, режисер
Милчо Манчевски: Собрано во капсула како тоа изгледаше, може да се види од примерот на Синеквест, кој почна лани во Сан Хозе, Калифорнија, каде Врба требаше да игра првата недела. По првата недела, Фестивалот се прекина, продолжи по 6-7 месеци, но виртуелно. Потоа, се прикажа Врба и победи на тој Фестивал и беше прогласен за најдобар филм. Тоа беше Фестивал кој што траеше седум месеци. Ако се вратам наназад, Врба добро ја преживеа пандемијата, играше на 30-тина Фестивали, освои пет исклучителни награди, вклучувајќи ја и во наградата во Лондон, Сребрена палма во Валенсија, Порто, Велингтон...Во дистрибуција влезе во неколку земји, во Македонија одлично помина, и во кино и на телевизија. Како автор мене ми е најважно, делото. Можеби го правите филмот за гледачите, но вистинскиот дијалог е со самото дело. Јас сум многу задоволен како излезе филмот, а сето друго му дојде како дополнителен бонус, како еден мерак плус.
Глас на Америка: Ликот на мајката е присутен во речиси сите ваши филмови: пожртвувана, бескрајно посветена, полна љубов, ама и фриволна, површна ѝ, велите - пишувате по интуиција, и со занает, никогаш со агенда, или со намера?
Милчо Манчевски: Па, да. Во сите мои филмови или еден од главните ликови или темата е врзана со мајчинството, со родителството, мајката...Не е со агенда. Никогаш, не сум си рекол – е сега ќе правам филм за Мајки! Но, очигледно дека во географијата на мојот внатрешен свет, нешто ме насочува да зборувам токму за мајките, и тоа за најразлични мајки, од пожртвувани, до себични, површни. Тоа е така затоа што можеби нашиот контакт, како поединци со општеството, почнува со контактот со мајката. Интересно е да истражува таа поставеност. Драматуршки, тоа дава едно богатство. Така, мајките присутни во моите филмови.
Глас на Америка: Церемонија со Оскарите, годинава, ќе се одржи на 25-ти април, во време на пандемија. The show must go on, зарем не? Деведесет и третото доделување е поместено, а номинациите, ќе бидат објавени во средината на март. Какво е чувството, очекувањата, со Пред Дождот, тогаш, и со Врба, денес?
Милчо Манчевски: Многу е различно, но во исто време и многу е слично. Кога дојде време Пред дождот да биде номиниран, тој веќе имаше освоено еден куп награди, како мој прв филм. Прв пат бев на Фестивал, и го освоив. Во тоа време бев некако уморен, и од патувања и од Фестивали, признанија, и само чекав што побрзо да заврши. Сега, дојдов до еден мир, во кој сфаќам дека е многу важно филмовите да добијат признанија, да добијат награди, затоа што на тој начин ќе добијат публицитет, а тоа ќе значи дека повеќе луѓе ќе ги видат филмовите и тоа е корисно за следните проекти. Тоа е од практичен аспект. Меѓутоа, јас го имам мојот мир, затоа што сум задоволен со делото. И, можеби ќе кажете дека сум нескромен, но сеедно ми е што ќе се случи. Јас сум многу среќен со филмот и тоа ми е најважно.
Глас на Америка: После Врба, - следен е филмот Кајмак. Како што најавивте, за нетрадиционални, романтични врски. Кога почнува снимањето, и каде?
Кајмак, ќе се работи во Скопје. Околу 90% од снимањето ќе биде во главниот град Скопје, значи, еден урбан филм.Манчевски, режисер
Милчо Манчевски: Кајмак, ќе се работи во Скопје. Околу 90% од снимањето ќе биде во главниот град Скопје, значи, еден урбан филм. Филмот е копродукција и засега партнери се Данска и Бугарија. Меѓутоа, преговараме и со неколку други странски партнери. Ќе се снима кон средината на оваа година. Веќе работиме на пронаоѓање локации, организирање кастинг за актери, на визуелно оформување на филмот. Тоа ќе биде од жанрот црна комедија, смешно-трагичен филм. Се надевам, дека ќе го завршиме до почетокот на следната година.