За решавањето на мигрантската криза е клучно да се пронајде одржливо решение со Турција - да се намали бројот на илегалните имигранти, не само во некои, туку во сите земји, вклучително и во Грција. Американски аналитичари коментираат дека решението мора да опфати и почитување на ланските договори за нивно релоцирање.
Марк Јарнел од невладината организација Refugees international во Вашингтон неодамна бил во кампот со бегалци на македонско-грчката граница. Запрашан за стравувањата дека двете земји може да станат паркиралиште за илјадници - ако нема брзо решение за нивниот статус.
„Состојбата е полоша отколку паркиралиште. Има луѓе кои живеат во кал, спијат под отворено небо. Околу 10.000 до 12.000 се заглавени. Немаат каде“, истакна Јарнел.
Вели, потребно е содржајно решение од ЕУ за овој проблем и не може товарот да паѓа само врз земјите кои се дел од балканската маршрута. Според него, сега на повидок е масовен бран мигранти кои се на пат да се обединат со членови од семејствата кои заминале за Европа пред неколку месеци. Зошто бегалците и мигрантите ја одбираат токму оваа балканска маршрута? Јарнел одговара -
„Рутата се менува, како што земјите поставуваат поригорозни мерки. Пред некоја година, патот водеше низ Бугарија, но откако земјата воведе поригорозни мерки, рутата се помести кон Македонија. Сега Македонија ги заострува мерките, и има голема веројатност, таа да се смени кон Албанија“, изјави претставникот од Refugees international.
Портпаролот на УНХЦР Брајан Хансфорд за Гласот на Америка вели дека неговата организација предлага итно зголемување на помошта за Грција за отварање прифатни центри, регистирање на бегалците, за да има увид колку од нив се економски мигранти.
„Доколку ЕУ како целина ги почитува своите Договори од 2015-та за релоцирање на бегалци, тогаш немаше да има размер на ваква хуманитарна криза по границите“, додава Хансфорд.
Тој повика на јасен, содржаен пан-европски договор меѓу членките на ЕУ како и почитување на договореното за распоредување на бегалците по квоти меѓу земјите на Унијата.
„Затворањето на границите не е решение. Ако мигрантните наидат на затворени границите, ќе најдат начин да ги заобиколат и минат“, коментира Хансфорд.
Според него, единствен начин за смирување на напнатоста по границите е релоцирање на бегалците согласно договорите меѓу членките на ЕУ.