Минатата недела Бордот на Светската банка во Вашингтон одобри проект-кредит од 79 милиони долари за развој на локални патишта во Северна Македонија.
Холанѓанецот Кун Давидс е извршен директор во Светската банка под чија надлежност се 13 земји, меѓу кои и Северна Македонија. 2019-та е година, во која Светската банка и даде голема поддршка на Северна Македонија преку бројни проекти, а фокусот е врз инвестиции и растежот, вели Давидс за Гласот на Америка.
„Сакаме да обезбедиме дека македонската економија го развива приватниот сектор, инвестира во луѓето, со цел да стекнат вештини кои ќе им помогнат на пазарот на трудот, но и да се спречи „одливот на млади мозоци“, изјави вишиот претставник од Светската банка.
Светската банка и помага на Северна Македонија од два аспекта, констатира Давидс.
„Најпрво, помагаме на Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ. Второ, Светската банка им помага на земјите во регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија со разни обуки за олеснување во делот на меѓународна трговија и отстранување на пограничните бариери, што влијае на зголемување на економскиот растеж и отворање работни места“.
Извршниот директор на Светската банка се осврна на важноста од надградбата во образованието во сите сфери, и ја истакна важноста од поголемо вклучување на жените во општествените текови.
„Едно е јасно во Северна Македонија дека е потребна обука за поголема продуктивност. На пример, жените треба да се поттикнат да имаат поголема улога на пазарот на трудот“, изјави Давидс.
Запрашан, за ретроспектива на 2019-та, за македонската економија, низ призмата на Светската банка, Давидс ги лоцираше сферите каде има простор за унапредување за подинамичен и одржлив развој.
„Инвестирање во растежот, поголема слобода на приватниот сектор и инвестирање во луѓето и во одржливоста. Реформите треба да продолжат, зашто Северна Македонија и натаму добро котира на листата на земји на Дуинг бизнис“, заклучи извршниот директор во Светската банка под чија надлежност се 13 земји, меѓу кои и Северна Македонија.