Пoголема помош за Виетнам и други членки на АСЕАН

Најави американскиот државен секретар Кери на прес-конференција во Ханој
Американскиот државен секретар Џон Кери најави поголема помош за поморската безбедност за Виетнам и други членки на Здружението на земји од Југоистична Азија (АСЕАН).

На прес-конференцијата во Ханој со неговиот виетнамски колега Фам Бин Мин, Кери кажа дека Вашингтон ќе обезбеди 18 милиони долари за Виетнам, вклучувајќи и пет брзи патролни чамци за Крајбрежната стража на земјата.

Други земји од АСЕАН ќе добијат околу 14,5 милиони помош за заштита на нивните територијални води.

Кери демантираше дека новата помош е поврзана со неодамнешната напнатост со Кина околу поморските територијални несогласувања. Тој рече дека таа е дел од „постепеното и намерно ширење“ на американската поддршка, планирана веќе подолго време.

Според Кери, „мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море“ е врвен приоритет за Вашингтон. Тој рече и дека земјата е против „тактиката на принудување и агресија за да се напредува во територијалните претензии“.

Од Виетнам, Кери заминува за Филипините. Ќе го посети местото Таклобан, најтешко погодено во неодамнешниот тајфун, пред да се врати во Вашингтон.