САД планираат двојно да го зголемат бројот на приватни хонорарни соработници кои ќе се грижат за безбедноста во Ирак во време кога течат подготовките за ставање крај на американските борбени операции во земјата на крајот од месецот.
Официјални лица велат дека САД планираат да најмат околу 7000 безбедносните слободни соработници. Портпаролот на Стејт департментот Филип Кроли рече дека тие треба да помогнат во справување со безбедносните предизвици, како заштита на американските дипломати и експерти за развој.
На вчерашниот брифинг во Стејт департментот, Кроли рече дека САД планираат привремено да го зајакнат бројот на приватни хонорарни соработници, но ќе го намалат кога ќе се подобрат безбедносните услови на теренот во Ирак.
Официјални лица го претставија планот, во време кога последната борбена бригада го напушти Ирак и замина за Кувајт.
Помали борбени единици останаа во земјата. Меѓу нив се и околу 6000 војници кои треба да заминат од Ирак до крајот на месецот.
Околу 50.000 американски војници остануваат во Ирак до крајот на 2011-та како транзициска сила.
Со повлекувањето на борбените сили ќе биде ставен крај на операцијата „Слобода за Ирак“ и ќе почне „Нова Зора“.