Ѓорчев: Предвремени избори се најдобро решение за излез од кризата

Your browser doesn’t support HTML5

Ѓорчев во Вашингтон на безбедносен Форум

Ако не бидат распишани избори, продолжува политичката борба на опозицијата, ќе критикуваме, но и ќе нудиме решенија, наговести Ѓорчев

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник со неколку мандати во македонското Собрание Влатко Ѓорчев е во Вашингтон на покана на Парламентарниот Форум за безбедност во разузнавањето којшто е водечки собир за меѓународната безбедност и обезбедува соработка меѓу актуелни и поранешни парламентарци и владини официјални лица за зголемувањето на разбирањето на сојузниците на САД за глобалната закана од радикалниот исламски тероризам и од непријателските нации, истовремено креирајќи решенија за справување со заканите.

Парламентарците и поранешни пратеници коишто учествуваат во оформувањето на легислативите во нивните држави се важни за одредување на безбедносни курс.

Конгресменот Роберт Патингер е претседавач со Форумот, со три мандати од Северна Каролина чии фокус е националната безбедност, реформите во странски инвестиции и верските слободи. Тој е потпретседател на конгресната поткомисија за тероризам и спечување на перењето пари.

На маргините на настанот во Вашингтон, Ѓорчев даде ексклузивно интервју за Гласот на Америка.

Глас на Америка: Каде е акцентот на безбедносниот форумот за разузнавањето во главниот град на САД, кој се одржува во време на пандемија?

Ѓорчев: Форумот е можност за собир на голем број угледни политичари од целиот свет, каде се дискутираат прашањата поврзани со безбедноста, борбата против тероризмот, партнерството во НАТО.

Глас на Америка: Кои методи и искуства беа разменети во борбата против трговија со луѓе и перењето пари?

Ѓорчев: Тоа се важни теми кои што бараат меѓународен пристап. Во време на глобализација, неопходна е заедничка соработка, затоа што овие форми на криминал се транснационални. Потреба е соработка меѓу државните институции, но последниот збор да го имаат Парламентите кои што треба да дадат законска рамка.

Глас на Америка: На домашен- внатрешно политички план, Северна Македонија и натаму не е излезена од внатрешно политичката криза по оставката на премиерот во заминување Зоран Заев? Што е клучно, за излез од ваквата состојба?

Ѓорчев: Најдобро е да се оди на избори и тоа е најлогичен исход што граѓаните на Македонија го посакуваат. Видовме дека резултатите на локалните избори коишто се одржаа само пред само еден месец, јасно покажуваат волја за промена и делегитимирање на политиките на власта. Ова политичка трговија на која сме сведоци нема ништо добро да им донесе на граѓаните.

Глас на Америка: Какви се вашите очекувања дека на 14-ти декември од Брисел ќе дојде позитивна вест за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ? Што е во залог?

Ѓорчев: Би сакал Македонија да почне преговори со ЕУ. Тоа е нашиот генерациски проект. Сите имаме консензус околу тоа и власта и опозицијата. Стравувам дека со големиот број на грешки кои ги направи власта, но и со целокупната криза со проширувањето не сум сигурен дека на 14-ти декември, ќе има успех, и за жал, Македонија нема да почне преговори, иако за тоа сите заеднички лобираме.

Глас на Америка: Со оглед дека се наоѓате на безбедносен Форум во Вашингтон, како ја оценувате досегашната американско-македонска соработка, особено на полето на националната безбедност?

Ѓорчев: Македонија и САД соработуваат веќе долги години и децении, и токму владата на ВМРО-ДПМНЕ го потпиша Договорот за стратешко партнерство. Тоа наше взаемно билатерално партнерство треба да продолжи и во рамки на НАТО структурите, кон продлабочување на односите меѓу двете држави.