Груевски најави оставка од лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ

Оставката ќе биде поднесена без разлика на најавената анализа на изборниот резултат и пораз, а новиот претседател ќе биде избран на вонреден конгрес

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во интервју за порталот „Курир“, најави дека ќе поднесе оставка од лидерската функција во партијата и дека ќе се организира вонреден конгрес на кој ќе се избере неговиот наследник.

Груевски вели дека без разлика на исходот од анализата на катастрофалниот пораз на локaлните избори, ќе поднесе оставка, но без да прецизира кога таа ќе биде доставена пред органите на партијата.

„Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Тие кои добро ме познаваат, и оние кои добро ги разбираат политички пораки, ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала, или најмала, или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка“, рече Груевски.

Оваа информација одекна како бомба низ домашната јавност и ги остави затечени сите, особено откако Груевски со месеци избегнуваше да даде одговор околу оставката и одговорноста за поразот на локалните избори.

Последниве два дена се водат интензивни преговори во кабинетот на претседателот Иванов, а премиерот Заев денеска кусо изјави дека во Македонија во моментов има „микро-криза“ која се обидуваат да ја решат преку дијалог. Причина за најавата на Груевски може да бидат и неодамнешните приведувања на 36 лица во врска со насилствата во Собранието од 27 април и одземањето на имунитетот на шестмина пратеници од неговите редови кои сега се соочуваат со обвинение за тероризам, притвор и евентуална долгогодишна затворска казна.

Груевски најави дека партијата ќе организира вонреден конгрес на кој потоа ќе се избере новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Секако, доколку органите на партијата ја прифатат неговата оставка.

Во врска со акцијата на Обвинителството и МВР, Груевски рече дека тој бил првиот кој го осудил насилството, но истовремено тоа претставувало реакција на нелегалниот избор на спикерот Џафери.

„Јасно е дека станува збор за конструкција од највисок ранг. Влегувањето во Парламентот и особено употребата на физичка сила беше грешка и јас бев прв политичар кој јавно, најпрвин преку социјалните мрежи повика на смирување, а потоа и на прес-конференција го осуди тоа. Од друга страна, јасно е дека тоа беше реакција на акција, односно реакција на нелегалниот избор на претседател на парламентот, се чини намерно темпирана во време кога пред парламентот се одвиваа едночасовните протести на граѓаните, кои се` до тој момент, цели 60 дена беа мирни и без најмал инцидент“, изјави Груевски.

Во интервјуто за „Курир“, тој додава дека оставката ја дава за да ја релаксира моменталната политичка атмосфера во Македонија. Тој му порача на својот политички противник - СДСМ, дека „еден ден ќе се кае, а народот ќе си ја врати државата“.