Две години откако Договорот стапи во сила препознаваме дека има напредок во спроведувањето на промената на името. Но, потребен е поголем прогрес – од една страна во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјектиДендиас, министер за надворешни работи на Грција
Потпишани три меморандуми, најави за зајакнување на економската соработка и трговската размена, уверување дека Грција ќе ја поддржи европската аспирација на Северна Македонија. Тоа беше епилогот од денешната, прва посета на Бујар Османи како шеф на дипломатијата, на Атина. Но, грчката поддршка не е безусловна – Никос Дендиас јасно и на, за дипломат, несвојствен начин, испорача барања – доследна примена на Преспанскиот договор, бришење на сонцето од Вергина...
„Дозволете ми да потенцирам дека целосното, конзистентно имплементирање на Договорот од Преспа е начин за обезбедување на напредокот. Две години откако Договорот стапи во сила препознаваме дека има напредок во спроведувањето на промената на името. Но, потребен е поголем прогрес – од една страна во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет сајтови, а од друга страна потребен е и прекин на антиквизацијата – отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на патишта и објекти. Она што е кристално јасно во Преспанскиот договор е јасноста за она што се случи во античкиот период, а едно е јасно – со сета почит, вашите сонародници, а вие тоа го прифативте, не биле дел од кампањите на Александар Велики“, изјави Нико Дендиас, министер за надворешни работи на Грција.
Османи, кој претходно се сретна и со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, директно не одговори на ваквите забелешки на Дендиас. Двете земји ги нарече стратешки партнери со добри односи кои, според него, можат да се подобрат.
Ја цениме оваа поддршка и ја сметаме за клучна во градењето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Северна Македонија и Грција се стратешки пријателиОсмани, министер за надворешни работи на Северна Македонија
„И се заблaгодарив на Грција, како на наш сосед, за нејзината принципиелна позиција и поддршка на нашата европска интеграција и почеток на преговори за членство и очекуваме оваа принципиелна поддршка да продолжи и во иднина. Ја цениме оваа поддршка и ја сметаме за клучна во градењето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Северна Македонија и Грција се стратешки пријатели преку посветена имплементација на документот наречен Преспански договор и очекувам дека ќе го зајакнуваме и развиваме ова партнерство.“, оцени Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Потврдена е и заложбата за проекти во инфраструктурата и енергетиката - изградба на Интер конекторот за пренос на гас, обновување на Постоечкиот нафтовод, железничкото поврзување, отворање нови гранични премини. Ситуацијата со бугарското вето, барем јавно, не беше спомената.