„Исцелител“ на кампања во Холивуд

Your browser doesn’t support HTML5

Ѓорче Ставрески го промовира „Исцелител“ во Холивуд

Режисерот Ѓорче Ставрески е во Лос Анџелес во промовирање на филмот

Филмот „Исцелител“, кој е прва македонско-грчка копродукција, сниман со работен наслов „Тајната состојка“ е веќе во Холивуд, вели режисерот Ѓорче Ставрески, кој преку Скајп од Лос Анџелес, специјално ја пренесе атмосферата за Гласот на Америка за досегашните затворени проекции за членови од Академијата. Кампањата на Исцелител за Оскарите е поддржана од Агенцијата за филм на Македонија и од Еуролинк Осигурување.

„Беше полна салата. Не очекувавме дека ќе дојдат сите поканети. Тоа се членови на Академијата и тешко доаѓаат сите на скрининг. Добивме преубави комплименти за филмот“, вели Ставрески.

Сцена од Исцелителот

Македонскиот кандидат за Оскар е во конкуренција е со уште 87 филмови. Гласањето од Академијата е на 10ти – 11ти декември, а веќе на 17 декември ќе бидат познати и филмовите кои влегле во потесниот круг.

За досегашниот живот на филмот, Ставрески вели:

„Филмот досега се прикажа на преку 50 Фестивали за нешто повеќе од една година. Имаме премиера на еден Фестивал неделно. Добивме 15 меѓународни награди. Филмот се уште е дел од ХБО во Македонија и 17 земји во Европа. Филмот доби ѕвездени рецензии во магазините The Hollywood Reporter, и „Variety“. Имавме преполни проекции. Само во Македонија го видоа 24.000 луѓе“, вели режисерот на „Исцелител“.

По интензивното лобирање деновиве во Лос Анџелес, и проекциите за членови од Академијата коишто одлучуваат за кандидатите за Оскар од неанглиско говорно подрачје, наскоро ќе се знае дали „Исцелител“ ќе најде на скусената листа на Холивуд.