Одделот за правда отвори истрага по убиство на тинејџер во Флорида

Настанот предизвика жестоки реакции заради конотацијата на стереотипи и прекршени човекови права.

Американскиот Оддел за правда соопшти дека почнал истрага за убиството на невооружениот тинејџер од афро-американско потекло од страна на волонтер во патрола за безбедно соседство.

Во синоќа објавеното соопштение на Одделот се вели дека се планира темелна и независна истрага по сите докази што стојат на располагање во врска со убиството на 17-годишниот Трејвон Мартин кој се враќал од локална продавница носејќи со себе бомбони и кутија со чај.

Тој бил убиен минатиот месец во градот Санфорд, северно од Орландо од страна на 28 годишен човек кој всушност ја повикал полицијата велејќи дека видел сомнително лице во неговото соседство.

Повикот до полицијата го направил Џорџ Зимерман кој според гласот бил видно вознемирен. Операторот го советувал да не го следи тинејџерот. Кусо време потоа неколку други лица се јавиле во полиција опишувајќи сцена каде некој барал помош и слушнат бил истрел од огнено оружје.

Лицето кое пукало, наводно од латино-американско потекло според описот од семејството, изјавило дека сметал оти е под закана и реагирал во самоодбрана. Полицијата соопшти дека ова лице не е уапсено бидејќи немало основа да не се верува на неговата верзија на настанот.

Настанот предизвика големо внимание во земјата. Се одржуваат протести чии учесници велат дека пукањето не било оправдано и дека Зимерман треба да биде уапсен.

Во меѓувреме преку Интернет поднесена е и петиција во име на мајката и бабата на убиениот Трејвон, со која обвинителството се повикува да се придржува кон правдата. Досега се собрани 500.000 потписи.