Финансиските пазари ширум светот се во подем по веста дека Европската унија одобри план за намалување на грчкиот долг на половина и за значително зголемување на средствата за финансиски спас на земјата – мерки што треба да ја запрат должничката криза во еврозоната.
Главните индекси на пазарите на акции во Германија и Франција нараснаа за околу 5%. Еврото забележа умерен подем. Берзите во Азија пораснаа меѓу 2 и 3%
По 10-часовни макотрпни преговори во Брисел, првите лица на Унијата соопштија дека ги убедиле банките и инвеститорите да прифатат загуба од 50% во грчките владини обврзници, што значи дека грчкиот долг ќе се намали за 140 милијарди долари.
И покрај тоа, Грција останува во голема задолженост, проценета на 120% од нејзиниот бруто-домашен производ во 2020-та, за разлика од досегашната од 160%.
За да ги надоместат загубите од грчките обврзници, главните европски банки ќе мора да обезбедат дополнителни 148 милијарди долари до јуни наредната година.
Водачите на ЕУ постигнаа согласност и за зголемување на исцрпениот фонд за спас на евро-зоната на 1,4 трилиони долари.