Откако шпанскиот премиер Маријано Рахој по вонредниот состанок со кабинетот, соопшти дека ќе ја распушти сепаратистичката влада во Каталонија и ќе побара распишување нови избори, во обид да го спречи полуавтономниот регион да прогласи независност, кризата во ЕУ- не стивнува.
Дали иднината на ЕУ е замаглена со последните случувања во Европа - по Брегзит, победата на Себастијан Курц во Австрија, неизвесноста во Каталонија? Поранешниот американски дипломат Дон Џенсен - вели не.
„Сржта на целиот проект на ЕУ е здрава. Срцето и натаму чука, иако е потребно реновирање. Сепак, сметам дека балканските држави треба и натаму да продолжат со аспирациите за членство, зашто подобро да си внатре, отколку надвор од ЕУ“, коментира овој поранешен американски дипломат.
Руското влијание и натаму е изразено во голема мерка и Москва игра на неколку карти, смета Џенсен. Целта е јасна: „Да се држи Балканот надвор од Западот, надвор од ЕУ, НАТО, намалување на влијанието на САД во тој регион“.
Кристофер Хал, извршен потпретседател на Центарот за безбедносна политика во Вашингтон наведува три причини за длабоката криза во која се наоѓа ЕУ.
„Кризата со бегалците ги поларизира европските земји во самите нив, второ, политичките елити не ги кажуваат работите со вистински зборови, и трета е Русија која активно се обидува да ја подели ЕУ, и за жал, има одреден успех“, вели Хал.
„Многу Европејци со загриженост ги следат настаните во Каталонија, разговорите за поголема автономија на два италијански региони, сите се прашуваат, дали може да се ние случи тоа и нам?“ Вака смета Џон Гизи, политички уредник и дописник во Белата куќа за Нузмекс, објаснува што е заднината, на актуелната криза во Каталонија: „Незадоволство од владата, распространетост дека на политичарите не може повеќе да им се верува“.
Пабло Пардо е долгогодишен дописник во Вашингтон за тиражниот шпански весник Ел Мундо. Севкупната политичка криза во Каталонија ја оценува како криза со идентитетот, но и парите играат улога.
„Постои голем предизвик околу дистрибуцијата на приходите од даноците и колку се плаќа на државата. Не само меѓу сиромашните и богатите, туку и меѓу побогатите и посиромашните региони“, коментира Пардо.
Според него, процесот на интеграција на Европа е запрен барем на одредено време со оглед на кризата во Каталонија. Го отвори прашањето и со руското влијание.
„Руското влијание расте - насекаде. Руските он-лајн портали се осврнуваат со експертски текстови за кризата во Каталонија. Москва им дава поддршка на сите сили кои се залагаат за слабеење на ЕУ“, наведе дописникот на Ел Мундо во Вашингтон.