За иднината на Европа по Брегзит, во Атлантскиот совет во Вашингтон беше организирана дискусија за останатите аспиранти и каков е актуелниот моментум за земјите од Балканот кои натаму тежнеат кон обединета Европа.
ЕУ мора да се реформира по исходот од референдумот во Велика Британија, но иднината и користа од членството нема алтернатива за идејата за обединета Европа, нагласија аналитичари, креирачи на политика, и поранешни виши официјални лица на дискусијата во Вашингтон.
Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот совет за расположението меѓу балканските држави по Брегзит и дали регионот има алтернатива за ЕУ, со оценка:
„Не мислам дека има алтернатива за идејата сите држави од Западниот Балкан целосно да се дел од ЕУ, и трансатлантската заедница. Точно дека ЕУ денес има предизвици и не значи дека Европа по излезот на Британија ќе биде иста и нема да се реформира, но на Балканот местото му е во европското семејство“, заклучи Вилсон.
До жителите од Балканот, тој упати порака: „Ако живеете во Сараево, Скопје, Белград, идејата за ЕУ останува компас, насока, и иднина, за оние кои што сакаат безбедност и просперитет на долг рок. Тоа ќе биде во рамки на трансатлантскиот процес“.
Поранешниот амбасадор на Велика Британија во Вашингтон Питер Весмакот, за влијанието на Брегзит и процесот на проширување, за Гласот на Америка вели дека секоја земја треба да ја трасира сопствената иднина.
„Во моментов, мислам дека сте во право дека процесот на проширување е ставен во мирување, иако мислам дека подолг период е забавен. Има многу внатрешни институционални проблеми во рамки на ЕУ, иако многу аспиранти и натаму ја гледаат иднината во рамки на обединета Европа“, коментира поранешниот прв човек на Британија во Вашингтон.
За балканските држави е поважно да ги почитуваат критериумите за членство, отколку самото членство, додава тој:
„Не сум сигурен дека има кредибилна алтернатива за балканските држави за влез во ЕУ по Брегзит, за Турција или другите кои што сакаат да станат дел од ЕУ, мислам дека најдобра варијанта е сите да продолжат да се фокусираат на исполнување на стандардите за попросперитетни, подемократски држави кои ќе го почитуваат владеењето на правото, и слободата на печатот“, изјави Весмакот.
Дали Брегзит треба да ги одврати жителите на Балканот од идејата за обединета Европа? Поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен за Гласот на Америка коментира – не.
„Од искуството што го имаа источноевропските држави, тие профитираа од членството во ЕУ и НАТО и истото ќе се случи со Балканот. Перспективата за членство промовира неопходни реформи, и истиот процес следи на Балканот“, заклучи поранешниот ген-сек на НАТО.