Подем на малопродажбата во САД

Стручњаците како причина ја наведуваат подобрената ситуација на пазарот на работна сила.

Малопродажбата во САД во февруари забележала најголем пораст изминативе пет месеци – 1,1%, како резултат на зголемениот интерес на потрошувачите за автомобилите, гардеробата и апаратите за домаќинство, според најновиот извештај на владиниот Оддел за трговија.

Економистите будно ја следат малопродажбата бидејќи на потрошувачката побарувачка отпаѓаат околу 70% од американската економија.

Стручњаците сметаат дека подемот се должи на подобрената ситуација на пазарот на работна сила, а со тоа и зголемената доверба на потрошувачите.

Ситуацијата со малопродажбата е дел од анализата на претставниците на Американската централна банка на редовните средби во Вашингтон, на кои го одредуваат нивото на каматните стапки во САД и носат други економски одлуки.

Иако најголемата економија во светот се опоравува од најтешката рецесија со децении, некои податоци се` уште покажуваат слабости. Невработеноста, на пример, останува на 8,3% - висок износ за американските стандарди.