Toa ќе ги зададе надворешнополитичките приоритети на земјата во наредниот период. Идејата на министерството за надворешни работи е да ги слушне и обедини идеите од сите институции кои имаат допирни точки во процесот на градење и спроведување на дипломатските цели. Затоа, денеска министерот за надворешни работи се сретна со спикерот и со претседавачите на соодветните собраниски тела надлежни за надворешна политика. Според Бујар Османи потребно е зајакнување на улогата на парламентот во оваа сфера.
Вклучување на Собранието во изготвување на 10-годишната Стратегија е првиот неопходен чекор во овој процес. Независно на актуелните предизвици наша амбиција, на долг рок, е да ја зајакнеме позицијата на Собранието во креирање на надворешната политикаОсмани, министер за надворешни работи
„Вклучување на Собранието во изготвување на 10-годишната Стратегија е првиот неопходен чекор во овој процес. Независно на актуелните предизвици наша амбиција, на долг рок, е да ја зајакнеме позицијата на Собранието во креирање на надворешната политика со фокус на градење на националните и стратешките позиции на земјата. Нашите приоритети се менуваат – членството во НАТО суштински ги замени надворешно-политичките приоритети, особено од безбедносен аспект. Пред нас имаме втор стратешки приоритет – членство во ЕУ, но и таму патеката е зададена, длабоко сме на патот и враќање нема“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
На тој пат има сериозна пречка – Бугарија и нејзиното проблематизирање на историски и идетитетски прашања со чие решавање Софија го условува одржувањето на првата Меѓувладина конференција.
Иако денеска во Бугарија се конституираше новиот парламент, неизвесно е дали ќе се формира влада, или пак ќе се оди на нови избори. Од одговорот на ова прашање зависи дали е можно решение во текот на годинава.
Јас сум вечен оптимист, но сметам дека има сериозни прозорци на можности за до крајот на оваа година и сите се ангажираат – нашите партнери, ние, а се надевам дека наскоро и во Бугарија ќе има таков ангажман.Османи, министер за надворешни работи
„Дали има изгледи оваа година, или не – клучно ќе биде дали ќе има страна во Бугарија која ќе може да влезе во дијалог со нас... Јас сум вечен оптимист, но сметам дека има сериозни прозорци на можности за до крајот на оваа година и сите се ангажираат – нашите партнери, ние, а се надевам дека наскоро и во Бугарија ќе има таков ангажман. Прозорците се пред и по нашите избори – септември, октомври и декември, тоа се тие прозорци на кои таргетираме во моментот и мислиме дека постои шанса да се најде решение.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Шефот на дипломатијата уверува дека актуелниот претседавач со Советот на ЕУ – Словенија е посветен на ова прашање и дека обидите за изнаоѓање компромис се темелат на предлогот на португалското претседателство – документ што Скопје го оцени како избалансиран и како добра основа за разговори.
Османи, кој самиот се нарече „вечен оптимист“, даде и реалистична оценка за процесот со изјавата дека очигледно е дека ова прашање не зависи од земјава која, како што рече, исполнила се што се барало за почеток на преговори, а притоа има линии и позиции кои во разговорите со Софија не може да ги помине.