ДИК уверува дека процесот што ќе се одвива во услови на пандемија ќе биде безбеден

Your browser doesn’t support HTML5

ДИК уверува дека ќе има безбедни избори

На 15 јули, МОСТ ќе покрива 696 избирачки места со околу 900 набљудувачи и ќе има дополнителни 55 мобилни тимови.

Избирачкиот материјал за претстојните избори, со полициска придружба, излезе од битолската печатница и се дистрибуираше до општинските изборни комисии кои утре ќе го достават до избирачките одбори. Станува збор за 1.814.263 гласачки ливчиња колку што и има регистрирани избирачи за овие избори. ДИК ги уверува граѓаните дека процесот што ќе се одвива во услови на пандемија ќе биде безбеден.

„Ги повикувам граѓаните да излезат на гласање, да не се плашат за своето здравје затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со заштитен материјал маски, за да и оние граѓани кои не можат да купат или не носат заштитна маска од кои било причини, сепак да добијат заштитна маска, да гласаат и да го остварат своето право на глас.“, вели Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Иако евиденцијата покажува дека повеќе од 5.000 лица се во самоизолација, само 747 се пријавиле да гласаат в понеделник - и овој дел од тридневните избори ќе го следи граѓанската асоцијација „МОСТ“, но со видоизменети протоколи.

„Ковид-19 целосно ги смени и процесите, ние ќе имаме мал број набљудувачи и в понеделник и во вторник. Ќе треба да видиме дали ќе оди по принципот да се даде ливче, или да се влегува во домовите каде се пријавени овие луѓе. Ние, како набљудувачи, нема да влегуваме во живеалиштата на овие лица, за наша, но и за нивна безбедност.“, коментира Дарко Алексов, граѓанска иницијатива, МОСТ.

На 15 јули, МОСТ ќе покрива 696 избирачки места со околу 900 набљудувачи и ќе има дополнителни 55 мобилни тимови. Поради коронакризата и ОБСЕ/ОДИХР ја намали својата набљудувачка мисија која за овие избори ќе брoи 7 експерти.