Клинтон претставува предлози за контрола на оружјето

Клинтон се очекува да предложи укинување на законот од 2005та година кој ги штити производителите и продавачите на оружје од судско гонење

Кандидатката за претседателска номинација од Демократската партија Хилари Клинтон ќе изнесе предлози за јакнење на контролата за оружје во САД.

Прашањето е битно за нејзино издвојување од другите претседателски претенденти, но исто така е фундаментална идеолошка поделба меѓу демократите и нивните колеги од републиканската партија.

Нејзините соработници велат дека во североисточната држава Њу Хампшир на две различни локации таа ќе зборува за плановите да употреби извршна акција ако Конгресот не го земе во работа ова прашање.

Поранешната сенаторка и државна секретарка сака да ги зајакне законите за купувачите на оружје со спроведување на проверки на историјата на лицето пред да се комплетира купувањето.

Клинтон исто така се очекува да предложи укинување на законот од 2005-та кој ги заштитува произведувачите и продавачите на оружје од судски процес, „кои резултираат од криминална и незаконска употреба“ на огненото оружје или муницијата.

„Не смееме повеќе да чекаме за да постапиме во однос на превенцијата од насилство од огнено оружје“,напиша Клинтон на твитер.

Оваа нејзина изјава дојде неколку дена откако девет лица беа убиени и девет повредени во пукање во училиште во Америка од страна на 26 годишно вооружено лице. Овој масакар беше силно осуден од претседателот Барак Обама, кој рече дека треба да се изврши притисок врз Конгресот да донесе построг закон за контрола на оружјето.

Сенаторот Берни Сандерс, друг кандидат во трката за претседател, по инцидентот рече дека Америка има потреба од „рационален закон за употреба на оружје” заедно со поефективен пристап кон менталното здравје. Тој се заложи за затворање на законската „дупка“ што овозможува заобиколување на законите за оружје ако оружјето е набавено на таканаречени саеми за оружје.

Републикаци: Законите нема да ги запрат криминалците

За републиканските кандидати, одговор за масовните убиства не е донесување закони. Тие сметаат дека тоа нема да ги запре убијците од набавка на оружје.

Милијардерот Доналд Трамп, кој последните месеци води на републиканската страна, во неделата, во емисијата „Средба со печатот” на телевизиската станица НБЦ, изјави дека доколку во колеџот , каде што се случи инцидентот, повеќе луѓе биле вооружени , би имало помалку жртви.

„Доколку има повеќе оружје, би имало и подобра заштита, бидејќи вистинските луѓе би биле вооружени” рече тој и додаде дека ментално болните луѓе, ќе најдат начин да го направат она што за многу луѓе е тешко да поверуваат дека е возможно да се направи.

Републиканците генерално се против забраната за Американците да купуваат и поседуваат оружје, повикувајќи се на вториот амандман од Уставот.

Уставниот суд последен пат се зафати со овој проблем во 2008-та кога го поддржа правото на поседување и употреба на оружје за „самоодбрана во во рамки на домот“.

Сенаторот Марко Рубио во петокот рече дека доколку се зголеми бројот на забрани за поседување на оружје, ќе се намали можноста за самоодбрана кај луѓето.

„Криминалците не почитуваат закони” рече тој. „Само послушни граѓани почитуваат закони и нема доказ дека овие закони ќе ги спречат ваквите напади.”

Неврохирургот Бен Карсон, веднаш Трамп според поддршката, во петокот рече дека контролата на оружје ќе ги лимитира оние луѓе коишто ги почитуваат законите.

Во меѓувреме, поранешната бизнисменка Карли Фиорина рече дека владата треба да се фокусира на функционирање на постоечките закони пред да донесува нови.

Радикални промени

Предлозите на Клинтон најверојатно нема да добијат поддршка од републиканците, но, дури и нејзините планови заостануваат зад заложбите на друг демократ, поранешниот гувернер на Мериленд, Мартин О' Мали, кој има сериозна листа на реформи за законот за оружје кои сака да ги воведе.

О'Мали се согласува со зајакнувањето на проверките и смета дека треба да постои регистер за огнено оружје, да се зголеми инспекцијата за препродавачите на оружје и да се искористи улогата на владата како најголем купувач на оружје да ги притисне произведувачите да го направат оружјето полесно за следење.