Со Спогодбата се уредуваат економските релации меѓу двете земји откако Лондон ќе го финализира излезот од Европската унија.
Со документот, чија изготовка траела 3 години, се обезбедува континуитет на трговските односи меѓу Скопје и Лондон и по завршувањето на преодниот период во кој ќе се формализира заминувањето на Британија од Унијата.
Денешниот договор значи потенцијал за овие бизниси да ја зголемат економската дејност.Османи, министер за надворешни работи
„Ова значи дека и нашите и британските компании, но и што е поважно, и британските инвеститори во земјава продолжуваат непречено да ја вршат својата трговска дејност исто како и досега. Тоа е важно за нашата економија зашто во изминатите 10 години Обединетото Кралство прерарсна во еден од најважните трговски партнери на С. Македонија. Денешниот договор значи потенцијал за овие бизниси да ја зголемат економската дејност.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Обединетото Кралство е еден од најзначајните економски партнери на земјава, а Северна Македонија е најголем трговски партнер на Британија на Западен Балкан. Во првите 7 месеци од годинава трговската размена меѓу двете земји била 664 милиони долари, додека во 2019 изнесувала 1 милијарда 246 милиони долари.
Договорот ќе помогне да се заштити економската стабилност и просперитет на Северна Македонија.Галовеј, амбасадорка на Обединетото кралство
„Преференцијалните трговски односи обезбедени со овој договор ќе им овозможат на британските компании и на Северна Македонија да продолжат со трговската размена и тогаш кога Обединетото Кралство веќе нема да биде дел од ЕУ-договорите. И бизнисите и крајните корисници ќе имаат корист од постоечките трговски услови меѓу двете земји како и трговија без давачки, како и либерализација не одредени производи. Договорот ќе помогне да се заштити економската стабилност и просперитет на Северна Македонија.“ истакна Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото кралство во Скопје.
Наспроти денешното потпишување на спогодбата со Северна Македонија, Лондон и Брисел се уште преговараат за финализирање на договорот за Брегзит. Британија ја напушти Унијата во јануари годинава, но до 31 декември трае транзицискиот период во кој Лондон се уште е дел од постоечките трговски договори.