Една година од Брегзит

Поделбата во Британија нагласена како во САД

Помина една година откако Британија гласаше за излез од ЕУ со тесно мнозинство од 52%. Поделбите во земјата и натаму се големи по клучниот референдум.

Аналитичарите велат дека британското општество почнува да наликува на САД, каде вредностите што ги наметнува новата администрација ги нагласува разликите во земјата.

Професорот Ананд Менон од Програмата за промените во Европа при Колеџот Кингс во Лондон, потенцира дека прашањето со смртната казна е индикатор за вредносниот систем на една личност.

„Еден од најдобрите предвидувања како сте се изјасниле на референдум или кои вредности ги застапувате, дали сте либерал или конзервативец, е прашањето со смртната казна. А тоа е типично американски“, вели Менон за Гласот на Америка.

Парламентарните избори во Британија на почетокот на месецот само го потенцираа политичкиот курс на нацијата. Пример беше стариот град Кантенбери, кој важеше за упориште на конзервативната партија од 1918-ма. Но, на гласањето на 8-ми јуни победија Лабуристите на Џереми Корбин. Причина – казна за позитивниот исход од гласањето за Брегзит.

На гласањето за Брегзит се гледаше како на популистички бран по победата на Доналд Трамп на изборите во САД. Британската премиерка Тереза Меј кога повика на нови избори за зацврстување на мнозинството, не ја прочита пораката од популистичкиот бран, коментира Тим Оливер од лондонската Школа за економија.

„Партиите не можат да се прилагодат на расположението на гласачите за одредени прашања. Во моментов, како во САД, забележуваме движење кон политички систем базиран на вредности. Тој тренд продолжува насекаде во демократскиот свет“, додава Оливер.

Но, спротивен тренд се случи во Франција, каде двете традиционални партии, републиканците и социјалистите, доживеаја голем пораз од центристот без големо политичко искуство, Емануаел Макрон на претседателските и парламентарните избори.