Почеток на формирање на новиот кабинет на претседателот Пендаровски

Your browser doesn’t support HTML5

Миле Бошњаковски официјално ги потврди информациите дека портпаролската позиција во владата ја менува со првата функција во тимот на новиот претседател – шеф на кабинет на Стево Пендаровски

Промените во владата се случија пред реконструкцијата најавена за почетокот на јуни. Миле Бошњаковски официјално ги потврди информациите дека портпаролската позиција во владата ја менува со првата функција во тимот на новиот претседател – шеф на кабинет на Стево Пендаровски. Бошњаковски денеска ја одржа неговата последна прес-конференција како владин гласноговорник.

„Преминувам во кабинетот на претседателот Пендаровски, ја преземам функцијата Генерален секретар. Ми беше чест да соработувам и да ви служам на сите вас. Се надевам дека соработката ќе продолжи и во наредниот период во друг формат. Сакам да се заблагаодарам до премиерот Заев за укажаната можност“, рече Бошњаковски.

Тој од вторник седнува на новата позиција. Засега се знае дека во кабинетот на Пендаровски покрај Бошњаковски ќе бидат и професорот од правниот факултет Александар Спасов и поранешната новинарка Катерина Цаневска Арсовска. Двајцата беа дел од кампањата на Пендаровски во 2014-тата, а веќе и го придружуваат на состаноците во „Вила Водно“.

Како можни членови на тимот на шефот на државата, неофицијално, се споменуваат имињата на поранешната судијка во Стразбур Мирјана Лазарова-Трајковска, на поранешниот амбасадор Александар Тавчиовски – за кои позиции, се уште нема потврда.