И покрај барањата на еколозите да се ефектуира Планот за чист воздух и да се заштити здравјето на жителите на урбаните средини, засега сè главно се сведува на ветувања, програми и планови, а иако официјалниот почеток на зимата е уште далеку, загадувањето на амбиенталниот воздух е веќе алармантно.
Утрово, количеството на ПМ честички во воздухот над Тетово, Велес, Скопје и Битола повторно беше над дозволеното, а на социјалните мрежи граѓаните жестоко реагираа поради тешкиот мирис и отежнатото дишење. Минатиов викенд, македонските медиуми објавија вест дека Куманово е во самиот врв на црната листа на градови со највисока аерозагаденост, апоради високите температури за овој период во годината, грејна сезона е на самиот почеток. А локалната власт во престолнината, и покрај сите негативни искуства од минатото, и актуелните податоци, според кои, Скопје било на петтото место на градови со најзагаден воздух во светот, со 158 ПМ10 честички на метар кубен, како да останува без вистинска реакција. Веќе видени се протестите на жителите на Скопје поради загадениот воздух над повеќе делови од градот, и барањата за реакција на локалната власт, како и повиците на изразување на граѓанска непослушност поради непреземањето мерки за селекција на отпадот и неизградувањето на адекватни депонии, како и неадекватните санкции за виновниците во случаите на палење смет и автомобилски гуми.
Медиумите деновиве обвинуваат дека и понатаму, од осумнаесет мерни станици низ државата кои треба да доставуваат податоци за концентрациите на јаглероден диоксид, азотен диоксид, озон, ПМ 2,5 и ПМ 10 честички и сулфурен диоксид, тоа го прават само неколку: дванаесет од осумнаесетте мерни станици не мерат концентрација на најситните штетни честички – ПМ 2,5, а шест мерни станици не покажуваат ниту загадување со ПМ 10 – честичките, коишто достигнуваат најголеми концентрации во воздухот секоја зима.
Во Куманово пак, град во кој викендов, според мерната станица е регистрирана загаденост од 1 851 микрограми ПМ10 честички на метар кубен, како голем загадувач на воздухот се посочува болницата за чие загревање, како и досега, се користи мазут. И, се чекаат средства од Министерството за здравство за инсталација на нов систем на греење со приклучување на гасоводната мрежа, за очекуваниот почеток на загревањето со гас на овој важен објект. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитривески изјави во медиумите дека Општината и Јавното претпријатие „Куманово гас“, се во секој момент подготвени на кумановската болница да и испорачаат гас. „Согласно информациите со кои располагаме од менаџментот на болницата, тие имаат изработено проектна документација за гасификација на објектот и чекаат само на средства од ресорното министерство, за да можат да влезат во овој проект. Тоа значи дека ќе мора директно со писмено барање да ни се обратат за да им испорачаме гас во одредена количина која што тие ќе ја побараат. Врз база на нашите планирања и претходно поставениот проект од наша страна, ние ќе инсталираме довод на гас до кумановската болница“.
По податоците на мерната станица за екстремно загаден воздух, Општина Куманово во соопштението на својата веб страница, им порача на граѓаните дека промените на загадувањето на воздухот, водата и почвата, континуирано се следат, дека „мерната станица за мониторинг на амбиенталниот воздух последните десетина години е поставена во болничкиот круг на кумановската болница, непосредно до котелот за затоплување“ и дека анализата на информации „покажува дека најголемите пикови на загаденост е резултат од палење на фосилно гориво и истите се во период кога котелот за затоплување на болницата се пали, но по краток период се нормализира состојбата на штетните PM 2,5 и PM 10 честички. Овој проблем е детектиран од Општината и за истиот се преземаат соодветни мерки“.
Во февруари годинава, Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на Европската организација на 15 врвни ревизорски институции (EUROSAI), и на Европскиот суд на ревизори, ја посочи индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, пред загадувањето од загревањето на домаќинствата и од превозните средства во сообраќајот, додека хаосот во третирањето на отпадот е сепак, на дното на листата. Според Извештајот, „Националниот план за заштита на амбиентниот воздух е комплексен и покрива различни области, но, системот за управување со квалитетот на воздухот во Македонија не е правилно организиран и координиран, и не постои систем за следење на спроведувањето на преземените мерки“.
Забелешка беше и дека координацијата меѓу институциите е незадоволителна, „инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и локално ниво…, нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови за мерните станици, не се набавуваат лабораториска опрема и хемиски реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација, ниту обука на персоналот, а според препораките, Владата требаше да обезбеди буџет за работа и одржување на сите мониторинг станици за квалитетот на воздух, и да формира централизиран систем за автоматизирано собирање и обработка на податоци, мерење во реално време и известување за квалитетот на воздухот.