Шатлот рано утрово слета во Вселенскиот центар Кенеди, по што НАСА ќе ја пензионира целата флота вакви летала
Факти за шатл-програмата на НАСА
- Последната мисија на Атлантис е 33-та на ова летало и 135-та севкупно во шатл-програмата.
- Вкупно 355 астронаути 852 пати биле на 135 мисии од првото лансирање на 12-ti април 1981-ва.
- 16 земји учествувале во мисиите: Белгија, Германија, Израел, Италија, Јапонија, Канада, Мексико, Русија, САД, Саудиска Арабија, Украина, Франција, Холандија, Швајцарија, Шведска и Шпанија.
- 14 астронаути загинаа во две несреќи: на Чаленџер, на 28-ми јануари 1986-та и на Колумбија, на 1-ви февруари 2003-та.
- Петте останати шатл-летала вкупно минале 864.402.830 километри (без последната мисија на Атлантис, што ќе надодаде над 6.4 милиони километри на конечната бројка).
- Со помош на шатл-леталата извршени се преку 2.000 научни експерименти.
- Леталата се имаат споено со две станици во вселената: девет мисии до руската Мир (од 1994-та до 1998-ма) и 37 до Меѓународната вселенска станица.
- Шатл-леталата слетаа во Вселенскиот центар Кенеди во Флорида 77 пати, во Воздухопловната база Едвардс во Калифорнија 54 пати и еднаш на полигонот Вајт сендс во Ново Мексико.
- Шатл-леталото во целина е составено од околу 2,5 милиони делови.
|
Шатлот Атлантис рано утрово слета во вселенскиот центар Кенеди во Флорида, со што и официјално заврши 30-годишната програма на овој вид на летала на Американската вселенска агенција - НАСА.
На четиричлениот екипаж добредојде му посакаа стотици лица насобрани за пречекот и совршени временски услови за слетувањето. 13-дневната мисија беше 33-та во 26-годишната историја на ова летало. Атлантис беше четвртиот произведен шатл во флотата на НАСА, а за првпат полета во вселената во октомври 1985-та.
Екипажот мина осум дена на Меѓународната вселенска станица каде донесе нова опрема и намирници, а однесе отпад.
Наредна станица на Атлантис и другите шатл-летала се музеите, каде ќе бидат постојани поставки.
Иако НАСА има долгорочни планови за употреба на ракети со кои астронаутите ќе заминат до астероиди, а евентуално и на Марс, во наредните неколку години не ќе може да испраќа човечки екипаж во вселената. Приватни компании во САД во моментов развиваат летала со кои астронаутите би патувале до ниската орбита и Меѓунродната вселенска станица. Но, се` додека тие не бидат подготвени за лансирање, НАСА ќе испраќа луѓе во вселената во ракети од руската вселенска програма.