Фич: САД се` уште – ААА

Фич: САД се` уште – ААА

Агенцијата постапи спротивно од конкурентот Стандард енд пурс кој неодамна го намали кредитниот рејтинг на земјата

Агенцијата Фич реши САД да го задржат најдобриот кредитен рејтинг – ААА, објаснувајќи дека економијата во земјата е флексибилна, разновидна и богата, што помага нацијата да се прилагоди на пазарните шокови.

Конкурентот на Фич, Стандард енд пурс, на 5-ти август го реши спротивното, намалувајќи го рејтингот на САД, што предизвика нагол пад на берзите ширум светот.

Во меѓувреме, серија извештаи даваат мешана слика за американската економија. Според денешните податоци на владиниот Оддел за трговија, бројот на новоизградени домови во јули опаднал за 1,5%. Доколку изградбата продолжи со исто темпо, до крајот на годината ќе бидат подигнати само 604.000 домови. Стручњаците коментираат дека тоа е многу помалку од едно здраво ниво за пазарот на домување.

Одвоен извештај индицира дека индустриското производство минатиот месец всушност нараснало, како резултат на подобриот учинок на производителите на автомобили по падот во побарувачката предизвикан од катастрофалниот земјотрес во Јапонија во април. Американската централна банка наведува дека производството во фабриките, рудниците и услужните дејности во јули се зголемило за 0,9%.

Друг извештај, пак, потенцира дека цената на добра увезени во САД минатиот месец нараснала за 0,3%, делумно поради повисоката цена на нафата.