Нови немири во Хонг Конг, жителите со поделени ставови за демонстрациите

Дел од жителите сметаат дека судирот на демонстрантите со полицијата е оправдан, додека други негодуваат што се нарушени мирот и нормалното функционирање на градот

Жителите на Хонг Конг почнаа да го расчистуваат центарот после викендот во кој дојде до насилни судири меѓу полицијата и демонстрантите.

За време на протестите во неделата, демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели врз владиниот комплекс во градот, по што полицијата се обиде да ги растури со млазеви сина течност и со солзавец.

Немирите во Хонг Конг почнаа во јуни, поради законот со кој се дозволува екстрадиција на лица од Хонг Конг во Пекинг.

На почетокот протестите беа мирни, но потоа се претворија во насилни судири со полицијата. Денес, се чини дека жителите на градот се веќе поделени околу поддршката на демонстрантите. Дел од нив сметаат дека судирот на демонстрантите со полицијата е оправдан, додека други негодуваат што се нарушени мирот и нормалното функционирање на градот.

Во вторник е закажан нов протестен марш, иако полицијата го забрани. Се стравува дека ќе дојде до нов бран насилства.