Донација од САД: 400.000 долари за опрема за вакцинација и имунизација

На средбата со заменик гувернерката на Вермонт, Моли Греј, командантот на Националната гарда, генерал-мајор Грегори Најт и амбасадроката на САД во нашата земја, Кејт Мери Брнз, станало збор за воспоставување соработка и во областа на медицината со универзитетот „Вермонт“

Донација во висина од 400.000 долари од САД за набавка на опрема за вакцинација и имунизација во справувањето со Ковид-19 била потпишана денеска со високите гости од сојузната американска држава Вермонт, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Како што соопшти Филипче, на средбата со заменик гувернерката на Вермонт, Моли Греј, командантот на Националната гарда, генерал-мајор Грегори Најт и амбасадроката на САД во нашата земја, Кејт Мери Брнз, станало збор за воспоставување соработка и во областа на медицината со универзитетот „Вермонт“.

„Предложив програма за едукација на нашите студенти од последна година на Медицински факултет на реномираниот Универзитет „Вермонт“ од Соединетите Американски Држави. Во насока на едукацијата, студентите би можеле да следат настава, а воедно и стручни лица од Универзитетот да доаѓаат во нашата држава и да реализираат обука на наши лекари и медицински лица“, соопшти Филипче.


Делегацијата од Вермонт е во тридневна посета на земјава. Тие во понеделникот беа присутни на полиготнот „Криволак“, каде беа изведени показни активности во рамките на вежбата „Одлучен удар 21“, на која учествуваа и 300 војници од САД.

Високите гости од Вермонт остварија средби и во Министерството за одбрана и во Генералштабот на армијата, при што се договорена засилена воена соработка преку обуки, тренинг, семинари, работни посети на војници и офицери од Армијата на Северна Македонија во едукативните воени центри во САД.

Соработката на економски и воен план со сојузната американска држава Вермонт трае повеќе од 25 години.