Ден на македонскиот јазик: Културниот развој на еден народ зависи од неговиот речник

„Има такви периоди во културниот развој на еден народ кога тоа творештво e посебно силно изразено, зашто треба да задоволи некакви специфични барања на културниот процес“, Блаже Конески - „Историја на македонскиот јазик“

Околу 100.000 разјаснети именки, глаголи, сврзници, честици, гласови им стојат на располагање на македонските граѓани и говорители на македонскиот јазик во секојдневната комуникација. Толку термини, отприлика, содржи првиот Толковен речник на македонскиот јазик, објавен во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

По повод Денот на македонскиот јазик, 5 мај, од денеска Толковниот речник на македонскиот јазик е достапен и во електронска форма на интернет.


За значењето на фондот на зборови со кои располага еден народ, зборувал во дел од своите научни истражувања и Блаже Конески, кому годинава се одбележуваат 100 години од раѓањето.

„Јазичното творештво e највидливо во областа на речникот. Промените во составот на речникот се, така да се каже, секидневно забележливи и не го избегнуваат вниманието на говорителите. Сепак има такви периоди во културниот развој на еден народ кога тоа творештво e посебно силно изразено, зашто треба да задоволи некакви специфични барања на културниот процес“, напишал Конески во неговата книга „Историја на македонскиот јазик“, чие прво издание беше објавено во 1965 година.

Според податоците од Толковниот речник, најмногу зборови во македонскиот јазик почнуваат на буквата „п“, при што целиот четврт том е посветен на таа буква. Во дигиталното издание на капиталното дело, има околу 10.000 термини на таа буква. Многу помалку термини, од едноцифрени, до неколку илјади, има на буквите „њ“, „ѓ“, „ќ“, „џ“.

Во изградувањето на речникот на нашиот јазик можеме да изделиме, сосем условно, три основни фази. Во првата фаза претежен бил контактот со грчкиот јазик, од кој навлегуваат голем број заемки. Втората фаза e фазата на турското влијание, што достига свој врв, но и упадок, во текот на минатиот век.
Блаже Конески - „Историја на македонскиот јазик“


Конески во своите толкувања истакнал дека во градењето на зборовниот корпус на македонскиот јазик, големо влијание имале и јазиците од околните народи.

„Во изградувањето на речникот на нашиот јазик можеме да изделиме, сосем условно, три основни фази. Во првата фаза претежен бил контактот со грчкиот јазик, од кој навлегуваат голем број заемки. Втората фаза e фазата на турското влијание, што достига свој врв, но и упадок, во текот на минатиот век“, стои во толкувањата на Конески.

Тој додал и уште една, современа фаза во градењето на речникот.

„Третата фаза e современата состојба на нашиот јазик во однос на изградувањето на речникот. Нејзините почетоци совпаѓаат со почетоците на создавање на современ македонски писмен јазик во минатиот век. Таа се карактеризира со приклон кон словенското наследство во зборообразувањето, како и со усвојување на оној фонд зборови што спаѓа во интернационалната лексика“, се вели во книгата од Конески.


Главната свеченост за одбележувањето на Денот на македонскиот јазик се одржа во институтот „Крсте Мисирков“.

Одлуката за означување ден посветен на јазикот беше донесена во 2019 година. Повод за датумот е 5 мај 1945 година, кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик.