Стотици луѓе се собраа на бдеење за жртвите од пукањето во Калифорнија

Во нападот, што се случи во неделата на фестивал за храна, беа убиени три лица, меѓу кои и шестгодишно дете

Со свеќи во рацете, стотици луѓе вчеравечер дојдоа на бдеење и молитви за жртвите од пукањето во градот Гилрој, Калифорнија. Во нападот, што се случи во неделата на фестивал за храна, беа убиени три лица, меѓу кои и шестгодишно дете.

Нападот го изврши 19-годишник, кој со автоматско оружје пукал кон насобраните лица на фестивалот што вообичаено привлекува илјадници посетители секоја година.

Осомничениот за нападот бил застрелан и убиен од полицијата кратко откако почнало пукањето. Според полициските претставници, напаѓачот влегол на фестивалот така што ја исекол металната ограда и ги избегнал безбедносните проверки.