Мажи, жени и деца бегалци од Авганистан пристигнаа во Скопје

Според најавите од Владата, тие ќе бидат сместени во хотели во околината на главниот град. Во првата група имаше и бремена жена, која беше згрижена со амбулантно возило

Првата група бегалци од Авганистан пристигнаа вечерва на Скопскиот аеродром. Во групата од 149 граѓани, колку што беа најавени од страна на македонската влада, има мажи, жени и деца. Тие од авионот веднаш беа пренесени во автобуски превоз, а имаше и едно амбулантно возило во кое беа згрижени една бремена жена и дете од групата бегалци.

На аеродромот беа прифатени од МНР, МВР, Црвениот Крст, Министерството за здравство и од претставници од меѓународните организации. Авионот во Скопје долета од Грузија, а според најавите од Владата, тие ќе бидат сместени во околината на Скопје.


„Сите подготовки беа направени за денеска да бидат прифатени на најдостоинствен начин овие граѓани. Да се направат првите здравствени прегледи, да се даде соодветната здравствена заштита, да се обезбеди храна и вода за сите нив и да се сместат соодветно. За нивната логистика се грижат организациите каде што тие работеле во Авганистан Трошоците ги покриват тие. Ако има потреба, државата ќе помогне со логистика“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи во изјава за медиумите на Скопскиот аеродром.

„Станува збор за граѓани кои беа животно загрозени од талибанските структури и на кои им помагаме да си го спасат животот. Тоа се граѓани кои 20 години работеа за демократските институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан“, соопштија денеска од Владата.


Како што додаде Османи, засега останува бројката од 750 лица од Авганистан што македонската влада се понуди да ги згрижи во период од деведесет дена.

На сите пристигнати лица ќе им биде направен ПЦР тест. Доколку меѓу нив има ковид-позитивни случаи, за нив ќе следи 14-дневен карантин. Во текот на утрешниот ден, ќе бидат спроведени и други здравствени прегледни. Доколку меѓу нив има лица што не се вакцинирани против ковид, нивната вакцинација, како што истакнаа од министерството за здравство, ќе се изведува според лична одлука на секое од пристигнатите лица.