Амбасадорите на САД, Британија и Италија повикаа да се забрза со мерките против загадувањето во Северна Македонија

Во пораката, упатена по повод Светскиот ден на планетата Земја, од властите се бара зголемената амбиција да биде проследена со еднаков обем на дејствување, осигурувајќи дека институциите на земјата се на висина на задачата за промовирање и спроведување на длабока декарбонизација

По повод 22 Април, Светскиот ден на планетата Земја, амбасадорките на САД, Кејт Мари Брнз, на Обединетото кралство, Рејчел Галовеј, како и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри упатија заедничка порака со која ги повикуваат македонските власти да го забрзаат процесот за преминување кон обновливи извори на енергија, а со тоа и за намалување на загадувањето на воздухот и почвата.


„Ја повикуваме Република Северна Македонија да ги преземе неопходните чекори за да го задржи остварливо ограничувањето до 1,5 степени Целзиусови, вклучително и преку обврзување да оствари нето-нула емисии до 2050 година и преку специфични стратегии за нето-нула емисии. Ова значи зголемување на темпото и амбициозноста на плановите на земјата за декарбонизација, со тоа што ќе ги замени фосилните горива со обновливи извори на енергија“, се вели во дел од пораката упатена од шефовите на трите дипломатски претставништва во Скопје.


Тие ја поздравуваат одлуката на македонските власти за амбицијата до 2030 година да се постигне 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на 1990 година. Сепак укажуваат дека е неопходно институциите доследно да ја спроведат најавената национална стратегија.

Зголемената амбиција да биде проследена со еднаков обем на дејствување, осигурувајќи дека институциите на земјата се на висина на задачата за промовирање и спроведување на длабока декарбонизација


„Ова значи следење на Зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергетика на земјата, зголемување на инвестициите и создавање работни места додека се штитат ранливите групи. Ова значи зголемената амбиција да биде проследена со еднаков обем на дејствување, осигурувајќи дека институциите на земјата се на висина на задачата за промовирање и спроведување на длабока декарбонизација“, се вели со заедничкото соопштение на амбасадорите.

САД, Обединетото кралство и Италија ќе дадат поддршка и за младите лица од земјава, во нивните напори за поттикнување на еколошката свест. Во таа насока британската и италијанската амбасада го поддржале клубот Биди Зелен и проектот Млади амбасадори за климатски промени да преземат активности и да се вклучат во климатските промени.

„Младите се клучни за подигање на свеста, за зачувување на природата, за давање поддршка на обновливите извори на енергија и за усвојување на еколошките практики“, се вели во соопштението.


Како што се истакнува со соопштението, САД се посветени на остварување на нето-нула емисии на стакленички гасови најдоцна до 2050 година и планираат до 2035 година, секторот за производство на електрична енергија да работи без емисија на јаглероден диоксид. Европската унија, пак, се обврзува на климатска неутралност во 2050 година и има намера да ги зголеми климатските амбиции за 2030 година со намалување на емисиите за најмалку 55% во споредба со 1990 година. И Обединетото Кралство планира да ја реализира нето-нула целта во 2050 година, со намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 68% до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година.

Обединетото Кралство и Италија ќе биде домаќини на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP26) во ноември оваа година во Глазгов, со што над 30.000 шефови на држави, климатски експерти и активисти ќе учествуваат на еден форум за пет клучни предизвици: адаптација и отпорност, чиста енергија, чист транспорт, финансии и природни решенија.


Пред Конференцијата, се планира сите земји да излезат со свој амбициозен придонес утврден на национално ниво и долгорочни стратегии за постигнување на нула емисии на јаглерод.

„Само така можеме да ги исполниме обврските утврдени со Парискиот договор од 2015 година. Одлуките што ги носиме денес, директно ќе влијаат на нашата способност да ја сочуваме животната средина за идните генерации“, се истакнува во упатената порака од амбасадорите.