Во една деловна зграда во Рослин, Вирџинија, овие новинари се подготвуваат да ги следат изборите во САД. Но, нивната обука не е поврзана со клучните сојузни држави или за анкети. Наместо тоа, таа е фокусирана на безбедноста: физички, дигитално и емоционално.
Работилниците се дел од иницијативата на Меѓународната женска медиумска фондација. Обучувачите велат дека идејата е да се подготват новинарите.
Тие ги учат новинарите како да избегнат да бидат нечија мета, како да известуваат во толпа за време на протести и како да ги задржат своите дигитални профили безбедни.
„Меѓународната женска медиумска фондација ја започна новата иницијатива „Безбедност низ цела Америка“ бидејќи имаме искуство од последните избори и знаеме дека инцидентите ќе продолжат на овие избори и веројатно ќе бидат уште потешки”, вели Елиса Лис Муњоз, извршна директорка на Меѓународната женска медиумска фондација.
Непријателството насочено кон новинарите за време на бунтот на 6 јануари и порастот на нападите врз медиумите, ја натераа Меѓународната женска медиумска фондација да започне со обука. Фондацијата достигна 600 новинари во 11 држави.
Обуката е навремена. Непартиската веб-страница „Следење на слободата на печатот на САД“ бележи пораст на напади врз медиумите во 2024 година и апсења, вели главната уредничка Кирстин Мекаден.
„Видовме голем број на нападнати новинари оваа година, 68, речиси 70 нападнати новинари”, посочува Мекаден.
Претходно оваа година веб страницата „Следење на слободата на печатот“ објави дека бројот на приведени новинари е двојно зголемен во споредба со минатата година. Овие инциденти се случија додека новинарите ги покриваа протестите во САД за војната меѓу Израел и Хамас.
„Но, она што го знаеме е тоа дека ова е тензично време во САД, низ сите градови. И тоа не навраќа на 2020 година, каде што видовме голем број на нападнати новинари, повеќе од 640 и скоро 150 новинари уапсени таа година”, посочува Џенифер Томас, вонредна професорка по медиуми на Универзитетот Хауард.
Тие настани поттикнаа попроактивен пристап од страна на редакциите во САД, каде заедничката нишка беше дека новинарите треба да бидат подготвени.
„Оваа обука е одлична можност за нас како новинари да научиме некои од тие алатки и некои од оние нематеријални работи кои можеби не ги знаеме или можеби ни треба освежување, бидејќи се однесува на претстојната изборна сезона односно сезоната во која се наоѓаме”, додава Томас.
И не е опасност само покривањето на изборите и протестите. Меѓународната женска медиумска фондација откри дека ризиците за медиумите може да се појават насекаде.
„Секој момент во Америка стана поларизирачки и затоа стана опасен момент”, додава Муњос.
Со зголемувањето на непријателството кон медиумите, работилниците за обука за безбедност се еден од начините да им се помогне на новинарите да останат безбедни.