Со постара опрема и ова лето македонските пожарникари ги гаснат шумските пожари кои беснеат низ државата. Најстарото противпожарно возила во територијалната противпожарна бригада во Охрид е од 1970-та година. Но, и во вакви услови се трудат да се справат со огнената стихија. По некогаш се интервенира и по неколку пати на ден.
Your browser doesn’t support HTML5
„Имаме многу стари возила. Имаме камион од марката ФАП кој е стар повеќе од 50 години. Сега добивме џип и тоа пред неколку години. Другите возила се во просек 20-30 години стари. Секогаш постојат ризици. Понови возила, помали проблеми. Меѓутоа ги одржуваме возилата колку што можеме повеќе“, вели Коста Кузманоски, заменик командир во територијална противпожарна единица во Охрид.
Се надеваме дека во 2025-та година ќе добијат ново возило, со што работите ќе им се олеснат. А, состојбата во моментот е слична речиси секаде. Недостасуваат и луѓе, но и друга опрема, па пожарникарите се справуваат со ограничени ресурси.
„Во моментот во противпожарната единица во Охрид се вработени 39 пожарникари. Имаме потреба од нови вработувања. Во подготовка е нов Закон за пожарникарство, со кој поголем дел од колегите ќе бидат принудени да заминат во пензија. Такви имаме седум или осум колеги“, додава Кузманоски.
A, топлото време и високите температури се главните ризици за зголемениот број пожари, дел од нив и шумски. Од ЦУК велат дека земјата ја очекува тешко и неизвесно лето, поради ограничените ресурси со кои располага.
„Едноставно работиме со намалени ресурси но, настојуваме да помогнеме максимално“, вели Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.
Сепак добар момент е повторното активирање на трите канадери, односно „Ер-трактори“, кои одредено време беа надвор од функција. Во гаснење на пожарите учествуваат и трите хеликоптери на МВР и еден армиски хеликоптер. На помош пристигна и помош од Турција со два авиони и еден хеликоптер.
„Очекуваме помош и поддршка и од Србија и тоа само во воздухоплови, не во друг вид помош, бидејќи не е потребна, затоа што станува збор за непристапни региони. Очекуваме исто таква помош и од Црна Гора и Словенија. Да бидат спокојни граѓаните, ја контролираме целосно ситуацијата“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Но, недостасуваат ресурсите на Национални шуми.
„Со оглед на нивниот буџет и немање на средства, а оперативните планови им се ставени надвор од функција за справување со пожари. Не можат да интервенираат затоа што нема пари за горива, не им се одржувани теренските возила и немаат осигурување кое е многу значајно во вакви услови“, вели Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.
Претпоставките се дека најголем дел од пожарите се намерно подметнати. Од ЦУК ја повикуваат полицијата да ги пронајде сторителите и најстрого да ги казни.
„Законот треба да биде променет во однос на она што граѓаните и земјоделците го прават. Еден дел од граѓаните се однесуваат несовесно и пожарите се предизвикани од нивно невнимание. Се работи за палење на стрништа, чистење на плевелот од нивите и слично“, додава Стојановски.
Од почетокот на годината до почетокот на јули се случиле 1.568 пожари, од кои 179 се шумски, а останатите се пожари на друг отворен простор. Владата веќе донесе одлука за прогласување кризна состојба поради ситуацијата со пожарите, во рок од 30 дена, а воедно почнува да важи и целосната забрана за движење по шуми и шумско земјиште.