Во Брисел, Блинкен вети поддршка за Украина пред транзицијата на Трамп

Eнтони Блинкен зборува за време на медиумска конференција во седиштето на НАТО во Брисел, Белгија, 13 ноември 2024 година

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги увери Украина и нејзините сојузници во НАТО дека Вашингтон останува посветен на ставање на Украина „во најсилна можна позиција“ во последните месеци од администрацијата на претседателот Џо Бајден, пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата во јануари.

Во исто време, Блинкен изрази грижа поради тоа што Русија веројатно ги зајакнува ракетните и нуклеарните капацитети на Северна Кореја, додека севернокорејските трупи се борат заедно со руските сили во Украина.

„Претседателот Бајден се обврза да се погрижи секој долар што го имаме на располагање да биде искористен од сега па се до 20 јануари“, им рече Блинкен на новинарите во седиштето на НАТО во Брисел.

„Ние сме сигурни дека Украина ја има потребната противвоздушна одбрана, ја има потребната артилерија, дека има оклопни возила што и се потребни“, додаде тој.

Блинкен изјави за Гласот на Америка дека очекува поддршката на сојузниците на САД за Украина да се зголеми и нагласи дека е од клучно значење за партнерите на Вашингтон „да продолжат со повеќе отколку да го преземаат својот дел од товарот“.

Eнтони Блинкен и шефот на НАТО, Марк Руте

Зборувајќи заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Блинкен повтори дека Вашингтон „ќе продолжи да поддржува сè“ за да и овозможи на Украина ефикасно да се брани од руската агресија.

Руте и другите европски лидери изразија сериозна загриженост поради активната поддршка на Северна Кореја за Русија во нејзината војна против Украина.

„Овие севернокорејски војници претставуваат дополнителна закана за Украина и ќе го зголемат потенцијалот на Путин да направи штета“, им рече Руте на новинарите.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека повеќе од 10.000 севернокорејски војници се распоредени во источна Русија, а повеќето од нив се преселиле во крајната западна област Курск, чиј дел е под контрола на Украина.

Блинкен ја опиша воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва како „двонасочна улица“.

„Постои длабока загриженост за тоа што Русија прави или може да прави за да ги зајакне капацитетите на Северна Кореја - нејзиниот ракетен капацитет, нејзиниот нуклеарен капацитет“, како и искуството на бојното поле што го стекнуваат севернокорејските сили, им рече тој на новинарите.

Блинкен се сретна со министерот за надворешни работи на Украина Сибиха за време на неговата посета на Белгија

Во Брисел, Блинкен разговараше и со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, високиот претставник на Европската унија Џозеп Борел и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, меѓу другите.

Можноста Украина да користи ракети со долг дострел испорачани од Запад на руска територија беше меѓу темите за кои се разговараше за време на состанокот на Сибиха со Блинкен.

„Треба да ги забрзаме сите критични одлуки“, рече украинскиот министер за надворешни работи пред состанокот.

„Украина отсекогаш негувала силна двопартиска поддршка. Одржуваме контакт со двете и Демократската и републиканската партија и работиме и со новоизбраниот претседател на САД и неговиот тим, како и со администрацијата во заминување“, додаде тој.

Џо Бајден - Американски претседател

Во Вашингтон, официјални лица велат дека се очекувало Бајден да побара од Трамп за време на нивните разговори во Белата куќа да не се оддалечува од Украина.

Политичките сојузници на Трамп посочија дека идната администрација ќе даде приоритет на постигнување мир во Украина, наместо да и овозможи на земјата да го врати Крим и другите територии окупирани од Русија.

Блинкен ги заврши разговорите со европските колеги во Брисел. Тој следно ќе отпатува во Лима, Перу, на состаноците на Азиско-пацифичката економска соработка или АПЕК, по што ќе застанат во Манаус и Рио де Жанеиро, Бразил, на самитот на 20-те најголеми економии, Г-20. Тој ќе му се придружи на Бајден во Перу и Бразил.