ВМРО-ДПМНЕ: Нема уставни измени под бугарски диктат

Опозицијата ги збива редовите во пресрет на собраниската седница за уставните измени. Два дена пред, како што веќе во политичките кругови се нарекува „Денот Д“, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се одржа координација на пратеничката група на партијата и на останатите партнери од опозициската коалиција на која присуствуваше и Христијан Мицкоски. Ставот останува непроменет – нема уставни измени под, според ВМРО-ДПМНЕ, бугарски диктат. Тоа е епилогот од денешниот состанок свикан заради петочната пленарна седница на парламентот.

„Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целокупната јавност дека власта цела една година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени.Тоа значи дека власта е разголена и нема друг адут освен лагите и манипулациите. Ова се случува секогаш кога народот ќе се потцени, и кога личните интереси ќе ги стават пред тие на државата. Тие цела година купуваа време со очекување и сега стануваат жртва на сопствените лаги. Дозволија државата да ја стават во подредена позиција и да ја донесат во слепа улица. После ова очекуваме одговорност“, Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата, засега не ја открива стратегијата за нејзиниот настап в петок. На прашањето дали пратениците ќе бидат присутни во салата, Мицевски само повтори дека ќе ги изнесат своите аргументи. До него, како што вели, не стигнале какви било информации за притисоци врз нивни пратеници.

Наспроти ставовите на опозицијата, владејачкото мнозинство се уште се надева на поддршка и приклучување на ВМРО-ДПМНЕ кон, како што го нарекуваат, проевропскиот блок.

„Очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сватат одговорноста којашто сите ја имаме пред граѓаните. Ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок. Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да покажат чуство на одговорност пред граѓаните затоа што наша обврска како политичари е да им обезбедиме сигурна иднина на граѓаните“, Фаница Николоска пратеничка на СДСМ.

Денеска јавен настап имаше и шефот на ДУИ во партиското седиште во Тетово. Но, Ахмети не ја отвори темата за уставните измени – во присуство на косовскиот министер за транспорт зборуваше за градење на пат од Тетово до Призрен.

Поентите за потребата од уставни измени Ахмети му ги остави на неговиот сопратиец и шеф на дипломатијата, Бујар Османи.

„Со месеци доаѓаа пријатели и министри од целиот свет и не охрабруваа со пријателски совет да се фокусираме на овие предизвици и да ја надминеме оваа последна формална пречка пред отворањето на големиот хоризонт на поглавјата од преговорите. Затоа, ве повикувам да не дозволиме да се дефокусираме сега, кога сме во финале, и да се дезориентираме, туку да го задржиме курсот и родителската одговорност пред идните генерации“, напиша Османи на својот фејсбук профил.

Дали, како што тој порачува „Моментот е сега“, ќе се види веќе в петок.