СКОПЈЕ – Што открила пазарната инспекција при контролите на трговците, произведувачите, увозниците и добавувачите утре ќе се презентира на седница на Владата а извештајот ќе биде доставен и до надлежното министерство за економија и труд. Неофицијално проверките покажале дека често се крши Законот за забрана на нефер трговски практики и дека маржата за некои производи, неопходни за нормален живот, изнесувала и над 40 проценти.
Пазарните инспектори при контролите утврдиле дека трговската маржа во две категории на производи, бебешка исхрана и опрема за бебиња и хемиски производи и детергенти за домаќинство била меѓу 20 и 35 проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски не исклучува воведување на мерки по утрешната седница на Влада доколку се утврдени и документирани неправилности.
„Мислам дека Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредени параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производителите, дистрибутерите и ланците, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме“, изјави премиерот Мицкоски.
Владата се обиде да ги контролира цените на производите преку т.н. „есенска кошничка“ а потоа и преку „новогодишната“ но речиси безуспешно бидејќи на крајот бројките покажуваа минимална заштеда. Производите кои беа во кошничката се продаваа по пониски цени, но истовремено сите останати производи значително поскапеа. Предупредувањата на надлежните не дадоа опиплив резултат иако министерот за економија најави дека одлука за замрзнување на цените чува во фиока во неговото биро.
Граѓаните одлучија да бојкотираат. Првиот бојкот, на 31 јануари, резултираше со пад на продажбата во осум големи ланци маркети за 47 отсто и намален промет за 100 милиони денари. Државата загуби 18 милиони денари кои требаше да влезат во Буџетот на основ на ДДВ. Во петокот, вториот бојкот резултираше со пад на продажбата за 22 отсто а граѓаните потрошија 181 милион денари во осумте големи ланци маркети што е за 50 милиони денари помалку од претходниот ден.
Според Државниот завод за статистика во последните три години храната поскапела за 36 проценти. Основните продукти како лебот поскапел за над 40%, месото над 36%, млекото, сирењето и јајцата за 39%, овошјето за 33%, а зеленчукот за над 44%.